Среќни вести: Утре во младинскиот центар „Матично“ во Скопје

Утре, токму на 2 Април – Светскиот ден на свесноста за аутизмот, во младинскиот центар „Матично“ во Скопје, ќе биде отворена изложба на цртежи на Јана Иванова, ученичка во четврто одделение во ООУ „Димитар Миладинов“ од Скопје.
Јана има десет години и освен цртањето сака животни, особено зајачиња. Нејзините другарчиња од одделението се нејзини големи пријатели и поддржувачи, кои ѝ помагаат во наставниот процес. Посебна поддршка Јана добива од личната асистентка Наталија Пандилова.
Мајката на Јана, Теа Иванова Теохаревска, која ќе биде и кураторка на изложбата, смета дека овој настан ги истакнува воопшто уметничките тежнеења на децата во нашата земја, а конкретно ќе ја издигне свеста за важноста на инклузијата и поддршката на лицата со спектар на аутизам.
– Со помош на поддршката од семејството, мојата Јана сака преку цртачката дарба да докаже дека и таа им припаѓа на сите што ја опкружуваат и, на свој начин, сака да пренесе порака за емпатија и прифаќање на таквите деца во нашето општество – вели мајката на Јана, Теа Иванова Теохаревска.
На своите цртежи таа засега ги прикажува ликовите на нејзините херои, фигурите што ги гледа во цртаните филмови, во долгометражните филмови или во книгите и кои ги чувствува како нејзини пријатели. Затоа, ова нејзино прво ликовно претставување пред широката публика е насловено „Моите херои“.
За среќа, Јана го има нејзиниот дедо, познатиот историчар на уметност Јане Теохаревски, кој дома ѝ е поддршка, а на оваа изложба ја има улогата на комесар. Тој од поодамна го уочил талентот кај својата внука и, како што вели, иако таа е мала репродуктивна уметница, во одредени нејзини цртежи се забележува сметнување на формата на срцето, што зборува дека Јана очигледно знае што значи љубов, иако се смета дека децата со аутизам не знаат за одредени чувства.
– Потегот на раката ѝ e извонреден, фигурите се нацртани непрекинато, во еден здив, без корекции… Затоа можеби во таа брзина го занемарува боењето, но, со време, откривањето нови техники ќе го дополни и тоа – вели Јане Теохаревски, комесарот на изложбата.
Цртежите од изложбата „Моите херои“ се помал дел од огромниот број што ги реализира во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 30 април, а може да биде посетена секој работен ден од 10 до 16 часот.

Ф.Д.