Катче за родителите: Овозможете им на децата интересен летен распуст
Како да им го направиме распустот на нашите деца незаборавен? Можности има многу, но најдобро е кога во активностите учествуваат и родителите или поширокото семејство. Притоа е добро да се направи баланс меѓу забавните содржини и активностите од кои децата можат да научат нешто повеќе. Сѐ што треба е да се следат интересите што ги покажуваат, на пример, во гледањето цртани филмови, во игрите, во градењето на коцките итн.
Драги деца, еве неколку совети како распустот да биде забавен и креативен: дружете се, научете да правите нешто ново и интересно, спортувајте, учете странски јазици, гледајте филмови, посетете ги знаменитостите во вашиот град, одете на базен, читајте лектири, фотографирајте или бојадисајте си ја собата во омилената боја
Археолошки истражувања
Децата им се воодушевуваат на замоците? Тогаш, прошетката до најблиската тврдина би била одлична идеја. Секако, доцна попладне, поради високите летни температури. Во повеќе градови има тврдини или остатоци од нив, а паралелно може да се посети и чаршија, музеј или друго место што може да го привлече детското внимание, а добро е да се раскаже и кратка приказна за настанокот и за случувањата на локациите. Или, пак, да ги оставите самите да ги дешифрираат местата, како што нашиот син на скопското Кале погодуваше каде стоеле војниците, каде стрелците, каде ги чувале ѓулињата за катапултите итн.
Водени и други лудории
Спортот и активностите во вода секогаш се важни. Возење велосипед, играње фудбал или кошарка, посета на базен или воден парк, каде што детето ќе се забавува, ќе го усоврши пливањето и ќе шири пријателства. Добро е децата да се мотивираат да постигнат што повеќе, но да не се очекува премногу од нив.
За некои активности што децата ги обожаваат, родителите се крајно поделени, едни целосно ги одобруваат, а други се строго против нив.
Играње со кал и со бои и прскање со вода
Треба да им дозволиме на нашите деца барем еднаш во неделата да го имаат задоволството да бидат градители, да ги направат најубавите куќи со кал или да ги ископаат најдлабоките дупки. Калта и земјата од детето се мијат, но задоволното детско лице останува. Исто така, добро е да овозможиме со темперни бои да ги направат најубавите цртежи. А на крајот може да се измијат во борба со пиштоли со вода. На детската радост и смеа ќе им нема крај.
Креативни работилници
Во текот на летните месеци се организираат креативни работилници во многу училишта, каде што е добро да ги вклучиме и нашите деца.
На пример да ги запишеме на бесплатен курс по странски јазик, влез во светот на технологијата, правење оригами и фигури од хартија, фигури од овошје и зеленчук, работа со пластелин, глина, колаж, изработување накит и други украси.
Активен одмор
Како и да се искористат деновите од летниот распуст, важно е детето да се одмори и физички и психички, и тоа со активен одмор во кој се споени опуштањето и забавата, но и бегањето од секојдневните обврски. Но знаеме дека кога ни е најубаво, времето поминува најбрзо и пред да се свестиме, веќе ќе бидеме назад во училишните клупи со истите, па и со поголеми обврски.
Добро исполнетиот распуст ќе му даде на детето многу енергија кога ќе тргне на училиште и многу приказни за раскажување на другарчињата.
М-р Катерина Спасовска-Трпковска