Фото: Стојан Кукунешоски

Со маскирање на најмладите во Подгорци, Струшко, продолжи василичарската традиција. Радоста и годинава беше голема меѓу најмладите подгорчани што беа дел од карневалот „Василичари 2024“, кој се одржа на 13 и 14 јануари, во Подгорци.
Во саботата, на 13 јануари, на овој детски карневал можеа да се видат интересни маски, кои годинава ги имаше во изобилство, а зад нив се криеја веселите момчиња од Подгорци. Во вечерните часови, традиционално, тие здружени во групната детска маска тргнаа од под селото и од куќа во куќа, од маало во маало, чукнаа на сите врати, а домаќинките ги даруваа со парички и парче од специјалитетот на Подгорци – кашаник. Децата извикуваа: „За многу години, в година повесели и порадосни. Сурва Нова година!“ Оваа традиција е стара колку што е старо селото.
Во неделата, на 14 јануари, напладне, најмладите учесници на василичарскиот карневал го изиграа и детското василичарско оро.

Годинашниве детски маски влегоа во конкуренција за избор на најдобра маска на карневалот.
Сите маски беа регистрирани од фоторепортерот Стојан Кукунешоски и наскоро ќе бидат изложени на фотоизложбата.

Ст.К.