Победничката Мелда Кадри ја прима наградата од страна на директорот на фестивалот

Во Центарот за култура во Дебар изминатиот викенд се одржа 15-то, јубилејно издание на фестивалот на детски забавни песни „Радика фест 2024“. На годинашното издание настапија четириесетина деца на возраст од 7 до 14 години од Дебар, Струга, Охрид и од помалите општини во регионот, кои изведоа 16 авторски песни. Беа доделени награди во повеќе категории, а првонаградена на фестивалот е младата и талентирана Мелда Кадри од Дебар.
– Мелда Кадри победи со композицијата „Рокенрол“, за која музиката ја напиша Зинче Мимидиноски, на текст на Лила Тодороска, а аранжманот е на Јовица Каралиески од Охрид. Победничката, покрај својот магичен настап, одушеви и со прекрасната интерпретација – истакна директорот на фестивалот Зинче Мимидиноски.
Тој потсети на преостанатите награди доделени во повеќе категории.
– Наградата од публиката ѝ припадна на Надија Нурединоска од Долно Косоврасти, наградата за најдобар вокал ѝ припадна на Елина Смајлоска од Боровец, најдобар сценски настап имаше Ада Кадриоска од Струга, а Берна Фејзули беше прогласена за најдобар дебитант. Наградите „бест талент“ и „бест хит“ им припаднаа на Бида Оруческа и на Нела Беќироска. Гости во програмата на фестивалот беа членовите на КУД „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар, а фестивалот финансиски беше поддржан од сите општини во регионот.
Инаку, за време на одржување на фестивалот салата беше препона со посетители, кои уживаа во овој културен настан наменет за најмладите жители на Дебар и околината. З.А.