Традиција што се пренесува од колено на колено
На почетокот на март во Македонија, но и во Бугарија и Романија, децата и возрасните си подаруваат украси од црвен и бел конец. Тие се нарекуваат мартинки и се симбол на пролетта, здравјето и на новиот почеток.
Мартинките најчесто се прават рачно, од два конца што се испреплетуваат.
Боите на мартинките не се избрани случајно. Црвената боја симболизира живот, љубов и сила и, според верувањата, штити од болести. Белата боја претставува чистота, радост и нов почеток.
Обично мартинките се носат на рака како белезица, на јакна како брош или околу врат. Се носат сè додека не се види ластовица или расцутено дрво – знак дека пролетта навистина пристигнала. Потоа мартинката се врзува на гранка, со желба за здравје и плодна година.
Најчесто родителите им подаруваат мартинки на своите деца, пријателите си ги разменуваат меѓусебно, а и наставниците знаат да ги израдуваат своите ученици со овој мал, но значаен подарок.
Koн крајот на 2013 година Македонија со обичајот „Мартинки“ беше впишана во листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, а во 2017 година оваа традиција беше впишана во Репрезентативната листа на УНЕСКО. Од 2014 до 2024 година Центарот за научно истражување и промоција на културата ХАЕМУС, на чело со Василка Димитровска, ја организираше манифестацијата „Денот на Баба Марта“ во Скопје.
Ф.Д.
































