БУКЕТ СТИХОВИ ЗА МАЈКАТА
Мајка
Штом поминеш куќен праг
ќе те сретнат ведри очи.
Само тој поглед ќе може
вруток нежност да источи.
Штом ќе чуеш тивок шепот
низ тишина како броди,
само тој звук ќе може
сѐ до сонот да те води.
Стојан Арсиќ
Првата песна
за мама
Кога ти е тешко
кој збор го кажуваш?
Кога си среќна
со кого се радуваш?
Кога си осамена
кого го повикуваш?
Кој збор ти значи
и љубов и топлина зрачи?
Помисли, погоди сама
и кажи има ли помил збор
од зборот МАМА?
Нада Зафировска Матиќ
Очите на мама
Две изворчиња,
две поточиња,
две птички,
две синолички
и две сонца од кои
добрина се точи –
тоа се драгите
мамини очи!
Стојан Тарапуза
В0 срцата
на мајките
Во приказните
и бајките
сѐ се раѓа најпрво,
сѐ најпрво заискрува
во срцата на мајките.
На мојата мајка,
на твојата мајка,
на мајката на пеперутката,
на срната во шумата,
онаа исплашената,
на ѕвездата на небото,
онаа осамената,
на сите што се сега
расплакани и сами,
љубовта гори силно
во срцата на нивните мами.
Вера Андон
Само трепет
ти си, мамо
Кога март еднаш почне
да се тркала ко цветно топче
да ни нижи насмев, радост,
сѐ е среќа, љубов, младост.
Сѐ е нежно трепет само
како твојот глас е мамо!
Тогаш, мамо, јас ти сакам
од сонцето два-три зрака
кон земјата поздрав праќам
бакнежи со детска рака!
Сѐ што е нежно, трепет само
како твојот глас да е мамо!
Од дрвото цвет ќе скинам
под крошната штом му минам.
Секој облак ќе го симнам
под ведро небо ќе си здивнам.
Сиот трепет сум само,
штом глас ти чујам, моја мамо!
Да е нежно трепет само
како твојот глас, мамо!
Сузана Мицева