(Одлево надесно) Добри Јовевски, Гордана Атанасовска, м-р Елена Апостолова и проф. д-р Владимир Трајковиќ

ПРОМОВИРАН РЕЧНИК СО ПОИМИ ОД МЕДИУМСКАТА ПИСМЕНОСТ ЗА НАСТАВНИЦИТЕ

Во ООУ „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров, Скопје, беше промовиран Речникот на поими од медиумска писменост со игровни активности за усвојување, утврдување и примена на поимите од речникот.
Во овој речник има соодветен превод на дел од поимите од медиумската писменост што досега се користеа како англизми. Со преводите и толкувањето на поимите, наставниците добиваат значајна помош во реализацијата на содржини од медиумската писменост за полесно да им објаснат на учениците што е тоа интернет, дигитален простор, апликација, икона, емотикон, гиф… Уште поголема поддршка за наставниците претставуваат игровните активности, со чија помош учениците ќе ги усвојуваат и применуваат новонаучените поими, како на пример кликбејт – обично е потресен или сензационалистички наслов, каде што насловот и содржината на текстот не се совпаѓаат, односно лажна информација за да измами или лажно да наведува.
Речникот и игровните активности се финален продукт што произлезе од активностите во проектот „Намали ризик- медиумска писменост на македонски јазик“, како субгрантиран проект на „Do not MIS/DIS TechCamp Ohrid“, во организација на Стејт департментот преку Амбасадата на САД и партнерска организација на Центарот за иновации и дигитална едукација ДИГ-ЕД. Автори на овој речник и игровни активности се: Елена Апостолова, Гордана Анастасова и Добри Јовевски, кои апелираат до медиумите и вработените во медиумите да ги користат македонските термини наместо да користат англизми.