Ексклузивно во „Колибри“ објавуваме извадоци од романот за деца на Мирјанка Ристеска-Селчанец – „Насмевка“ (4)

Драги деца, во неколку продолженија во „Колибри“ ќе можете да го прочитате романот „Насмевка“ на писателката Мирјанка Ристеска-Селчанец, кој таа своевремено ѝ го посвети на својата внука Ана, која денес е успешна млада жена.
Селчанец е македонска авторка, чие творештво има над 45 дела во сите книжевни жанрови. Родена е и цел живот живее во Прилеп, кој ѝ е вечна инспирација и најголема љубов. Нејзиното творештво е наградувано, преведувано и изведувано на театарските штици од бардовите на македонската театарска сцена.
Таа ни откри дека кога била осумгодишно девојче ѝ била објавена првата песничка „Врапче“ во „Колибри“, која ја чува и денес. Токму затоа ве охрабрува откако ќе го прочитате и ова четврто продолжение, а секако и наредните, да ни пишете, да ѝ поставите прашања во врска со содржината, на кои таа со задоволство ќе ви одговори.

 

Набрзо откако прозборела, Насмевка и проодела. Првите чекори во розовите чевличиња ги направила во својата детска соба. Настанала голема врева во кралскиот дворец и во чест на тој настан готвачката направила прекрасна торта на три ката.
Оттогаш Насмевка секој ден сѐ посигурно чекорела и брзо, многу брзо растела.
Во сончевите летни попладниња, кралот, кралицата, Нани и Насмевка излегувале во градината. Таму седнати под сенката на старата липа тројцата вљубеници во Розовата принцеза им се насладувале на нејзините ѓаволштилаци. И трепереле над неа: да не падне, да не се удри, да не ја касне оса…
Но уште некој будно го следел секое нејзино движење. Тоа биле очите на самовилата Добринка. Таа преправена во белокрила пеперутка внимавала нешто лошо да не ѝ се случи на Насмевка.
Така во радост си врвеле деновите на Розовата принцеза.

* * *

Одамна Насмевка не спиела толку долго и толку слатко како тоа сончево јунско утро. Нани само ја наѕирала.
„Спие“ – си шепотела и се чудела што толку многу се успала нејзината љубимица. Ја милувала со поглед, па ќе си речела.
„Нека спие, нека расте. Ами, вчера толку многу трчаше низ градината! Сигурно многу се измори, па сега не може да се изнаспие. Душичка бабина“ – и лесно ја погалила по косичката, велејќи:
„Спиј си, мило, расти. А јас… Што да правам Боже?“
„Што да правам?… А, се сетив! Ќе одам да ја наполнам кадата со вода за да ја искапам Насмевка кога ќе стане. Убаво ќе ѝ дојде едно утринско капење, ќе ја освежи…“, па и Нани полека, на прсти ја напуштила спалната соба на Розовата принцеза.
Токму тогаш, во тишината на најслаткиот утрински сон, на отворениот прозорец спроти креветчето на Насмевка дошло едно бело маче. Само предното десно ноже и опавчето биле црно-бели. Мачето дошло од некаде, застанало на отворениот прозорец, се стуткало како топче и – задремало. Да не било лето, човек би помислил дека е снежна топка што од некаде долетала на прозорецот.
Јунското сонце пријатно го топлело грбот од белото маче и тоа, дремејќи, почнало да преде.
Утрото полека си одминувало и Насмевка мирно си спиела. Дишела речиси нечујно, а предењето на мачето уште повеќе ја успивало.
Ама наеднаш, којзнае од каде, една досадна мува долетала зуејќи и почнала да кружи околу розовото носе на белото маче. Тоа се разбудило, замавнало со предното ноже за да ја избрка и мјаукнало:
„Мјау-у-у!“
Потоа мачето ширум ги отворило своите зелено-жолти очи со црна црта во средината и ја здогледало заспаната принцеза низ тенкото розово перде што лесно се нишкало.
И лесно скокнало на розовото перниче на кое била распослана долгата коса од заспаната Насмевка. Се поднаместило убаво и продолжило да си дреме и да си преде.
Ама сега дишењето на мачето почнало да го скокотка левото уво на Насмевка и таа се разбудила. Полека ги отворила очите, се свртела да види што е тоа што го слуша.
„И-и-и“ – восхитено помислила. – „Колку убава играчка!“
Токму во тој момент во собата влегла Нани, па Насмевка возбудено извикала:
„Нани, ти ми ја стави играчкава на перничево?“
„Дете мое, ова не е играчка! Ова е живо маче“.
„Маче?!“ – со восхит извикала Насмевка. Дотогаш таа видела златни рипки во фонтаната, пеперутки во градината, врапчиња, ластовички и гулаби на дрвјата… Ама маче никогаш не видела.
Нани го зела мачето во раце за да го изнесе надвор, ама тригодишното девојче за миг ги склопило рачињата во молба и рекло:
„Те молам Нани, остави ми го мачево“.
Кога ги видела насолзените очи на Насмевка, полни со копнеж за мачето Нани рекла:
„Добро, ама да знаеш, никако не смееш рацете да ги ставаш во уста откако си го галела мачето. Зашто болестите така доаѓаат“.
Среќа се разлеала по лицето на Насмевка. Таа го гушнала белото маче и рекла:
„Ти благодарам Нани. Сѐ ќе правам како што ќе речеш само Моли да биде моја. Ај да ѝ врземе една розова панделка. Што велиш?“
„Па, не е лошо, ама прво елате в бања и ти и Моли да ве искапам…“
„Па потоа ќе се облечеме, ќе појадуваме и ќе одиме во градината да ѝ ја покажам на Моли…“
Цело претпладне Насмевка, Нани и Моли, со розова панделка околу вратот го поминале играјќи во цветната градина. Денот бил прекрасен: сончев, топол, вистински јунски ден. Небото било сино, без ниедно облаче.
Насмевка ја прашала Нани:
„Може ли да одам да се напијам вода од чешмата кај фонтаната“ – и отрчала таму со Моли в раце. Го оставила мачето на работ од широката фонтана, а Моли во истиот миг ги здогледало златните рипки што пливале во чистата вода. И како и секое маче посакало да фати барем една рипка. Се лизнало во тој миг и шлап – се нашло во водата.
Токму тогаш Насмевка посегнала да си го земе в раце своето маче, а го здогледала во водата.
„Нани брзо! Моли ќе се удави. Нани-и-и“ – уплашено врескала малата принцеза.
Нани дотрчала до фонтаната и кога видела што е маката, се изнасмеала и рекла:
„Не, дете, Моли нема да се удави. Види ја како убаво плива…“
„Плива? А кој ја научи Моли да плива“?
„Е-ех. Моли е животно, а животните така, без никој да ги учи знаат да пливаат. Тие имаат инстинкт за опстанок. Ама ти си мала да го разбереш тоа “.
Ама љубопитната Насмевка продолжила да прашува:
„А, дали јас имам… ис…тик… за ова? А?
Нани со смеење ја бакнала Насмевка и рекла:
„Мудро мое дете! Не. Ти го немаш тој инстинкт, затоа што ти не си животно. Ти му припаѓаш на човечкиот род. Кога ќе потпораснеш, тебе тато ќе те научи да пливаш. Ќе отидете покрај некое езеро и…“
„А што е тоа езеро Нани?“
„За тоа ќе зборуваме другпат, мила. Сега е време за ручек. Мама и тато нѐ чекаат. Ајде…“

(Продолжува)