Етика за млади
Љубовта е најубавото и најсилно чувство, кое многу ѝ значи на личноста. Сериозно влијае на разбирањето на светот и врз нејзиното однесување.
Чувствата се начин на кој личноста реагира на околината, на луѓето и на настаните или се одраз на нејзините желби и надежи. Тие извираат од нашата длабочина, покажуваат кои сме ние во суштина и како ги доживуваме животот и светот.
Има позитивни и негативни чувства, силни и слаби, широки и фокусирани. Некои будат радост, но има и такви што поттикнуваат тага. Љубовта е позитивно, многу силно, широко и весело чувство.
Со љубовта чувствуваме нешто многу важно – дека постои друго суштество или друго нешто што го сакаме. Таа значи крајна свртеност кон друга личност, предмет или дејство. Личноста го посакува нивното присуство и прави многу за да ги реализира своите желби во однос на саканото.
Човекот живее за својата љубов. Во животот има многу нешта кон кои тој се насочува, за кои прави планови и ним им ги подредува своите дејствувања. Љубовта е мотив и цел што го оправдуваат крајното посветување, дури е можно и жртвување за неа.
Љубовта има три форми. Во секоја од нив чувствата се силни, но различни се предметот на сакање и желбите во однос на нив, па се разликуваат и постапките на луѓето во тие чувствувања.
Во форма на посветеност, љубовта претставува заинтересираност на личноста за некои нешта, за некои предмети, дејства или идеи. Таква е љубовта кон мудроста, која се вика филозофија, или љубовта за собирање поштенски марки, која се нарекува филателија, и слично.
Во форма на општа љубов, тоа е свртеност кон сѐ што постои, едно најшироко разбирање за сенешто, за сите облици на животот, за целиот свет. Најважен предмет на ваквата љубов е човештвото, во сета негова историја, минатото, сегашност и иднина, и со сите човечки чувства што постоеле, постојат и ќе постојат.
Во форма на страст, занес, љубовта ги изразува чувствата кон другиот како љубовен партнер. Оваа љубов се нарекува ерос.
Во сите форми, а особено во оваа, љубовта е целосно давање. Но во оваа форма на љубовта особено се очекува возврат.
Љубовта го разубавува животот на личноста, ја води по неговите цветни страни и ја охрабрува да истрае и во најтешките мигови. Вљубените се најблиски суштества, најдобри пријатели, сврзани во доброто и во тешкото, меѓусебно се крепат во уживањето и во градењето на животот.
Затоа љубовта е најубавото чувство.
проф. д-р Кирил Темков
Етичка мисла
Во животот има само една среќа – да сакаш и да бидеш сакан.
Џејн Остин, англиска писателка