Вие ни јавувате:

Афирмираниот писател Саво Костадиновски, кој повеќе од педесет години живее и твори во Германија на германски и на македонски јазик и има објавено дури 185 книги, на 10 септември, за време на краткиот и планиран престој во Македонија, одржа литературно читање по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија. Тој се сретна со учениците од 4-а одделение во скопското ООУ „Лазо Трповски“.

Во оваа пригода Костадиновски ги поздрави учениците и одржа литературно читање, на кое им се претстави и на сите им подари свои авторски изданија за деца и млади.
Имено, во учебникот по македонски јазик е поместена една негова песна „Песна за татковината“. Токму обработувањето на часот по македонски јазик на оваа негова песна беше повод Саво Костадиновски да им биде гостин на четвртоодделенците.
Саво Костадиновски е член на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на писателите на Германија. Добитник е на многубројни домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои во 2018 година и на „Почесно признание“ на Сојузот на германските писатели по повод 25 години творештво на германски јазик.

Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик