Во Кавадарци
Озарени детски лица, четкички во детските раце, многу акрилни бои и, се разбира, голема возбуда од можноста да се слика на платно. Сето тоа им беше овозможено на учесниците на второто издание на ликовната мини-колонија што здружението на љубители на уметноста „Роднокрајци“ од Кавадарци во соработка со Вински музеј на регионот Тиквеш ја организираше на 16 јули.
Ликовните уметници Ќиро Јосифов, Горан Боев, Ива Јосифова и Лазар Дојчинов и овој пат им беа на располагање на малите уметници да ги поттикнат, да ги охрабрат и да им помогнат во изработката на нивните први слики на платно со акрилни бои. Дворот на винскиот музеј беше полн со млади ликовни таленти во придружба на нивните родители, кои годинава се охрабрија да бидат дел од оваа ликовна мини-колонија, чија цел е да ја доближи уметноста до најмладите.
Темата и годинава беше слободна, со цел да дојде до израз целата детска фантазија и на крајот резултатот ги надмина очекувањата. Беа насликани прекрасни летни пејзажи со море и многу сонце, природа, пеперутки, цвеќиња, но и многу интересни апстрактни слики. Насликаните ликовни дела од вештите детски раце наредниот ден во вечерните часови беа изложени на градскиот плоштад во Кавадарци, со можност да бидат откупени. Собраните средства беа наменети за хумани цели. Преку општината тие ќе им бидат дадени на оние деца на кои им се неопходни за лекување. Ми.М.