Тие прекрасни суштества
Пролетните, летните и раноесенските месеци се оние кога зоолошката градина во Скопје е вистинско место за забава и едукација на најмладите, но и на оние повозрасните.
Деновиве, во соработка со Волонтерскиот центар на Скопје, секој викенд можете да видите млади волонтери што им помагаат на посетителите и на зоонегувателите.
Соработката меѓу овие две институции и четириесетина млади од Скопје почна неодамна. Тие летово ќе имаат можност да се запознаат со работата и грижата на жителите на ЗОО, како и да бидат дел од настаните што ги организираат вработените во зоолошката градина.
Овој викенд тие беа дел од настанот по повод Светскиот ден на змијата, кој на 16 јули се одржа пред терариумот, а Војо Иванов, зоонегувател и едукатор, на многу интересен начин на публиката ѝ го доближи ова опасно и поради тоа не многу сакано животно. Но секако дека треба да научиме како да не се плашиме од нив, затоа што змиите исто така стравуваат од луѓето.
На Ивана, Моника, Срна, Димитриј, Никола и другите волонтери, работата во ЗОО им претставува големо задоволство. Тие се надеваат дека ова ќе им биде едно големо животно искуство и велат дека сакаат да продолжат и понатаму со волонтирањето во скопската ЗОО.
Татјана Гогоска, одговорна за овој проект, а наедно и пиар и организаторка на едукативни настани, смета дека оваа волонтерска работа во ЗОО по подолг временски прекин е многу корисна и за ЗОО, но и за младите. Според неа, едукацијата за животните е многу важен сегмент за посетителите на зоолошките градини, исто како и грижата за животните во нив. Во скопската зоолошка во моментов има над 600 животни.
Во овој летен период највозбудливо место во скопската ЗОО е „Бејби ЗОО“, каде што најмладите можат да ги хранат животните и навистина да уживаат. Затоа и една од следните летни репортажи од Скопје ЗОО ќе биде токму за ова убаво и атрактивно место.