Драги деца, во неколку продолженија во „Колибри“ ќе можете да го прочитате романот „Насмевка“ на писателката Мирјанка Ристеска-Селчанец, кој таа своевремено ѝ го посвети на својата внука Ана, која денес е успешна млада жена.
Селчанец е македонска авторка, чие творештво има над 45 дела во сите книжевни жанрови. Родена е и цел живот живее во Прилеп, кој ѝ е вечна инспирација и најголема љубов. Нејзиното творештво е наградувано, преведувано и изведувано на театарските штици од бардовите на македонската театарска сцена.
Таа ни откри дека кога била осумгодишно девојче ѝ била објавена првата песничка „Врапче“ во „Колибри“, која ја чува и денес. Токму затоа ве охрабрува откако ќе го прочитате и ова второ продолжение, а секако и наредните, да ни пишете, да ѝ поставите прашања во врска со содржината, на кои таа со задоволство ќе ви одговори.
Ексклузивно во „Колибри“ објавуваме извадоци од романот за деца на Мирјанка Ристеска-Селчанец – „Насмевка“ (2)
Ако сте слушнале за Кралството на розите, вие сигурно знаете дека тоа било најубавото кралство што некогаш постоело.
Се раширило по падините на Планинава, се начичкало со грмушки од рози и прекрасно мирисало. Уште оддалеку оној што сакал да дојде во Кралството на розите ќе го привлечел опојниот мирис на секогаш расцветаните грмушки. Зашто во Кралството на розите како да било само мај.
Сите куќи во главниот град на Кралството на розите биле обоени розово. Во сите градини околу розовите куќи цветале мирисни рози. Сите деца, сите мајки, сите татковци, дури и бабите и дедовците – сите имале нешто розово на себе. Некој дедо пушел на розов чибук, некоја баба плетела розови чорапи, некој татко возел розов автомобил, некоја мајка си ставала розово утаре. Машките, сите до еден, носеле розови колани на своите фармерки, а девојчињата од глава до петици биле облечени во розово.
Најрозов во Кралството на розите бил кралскиот дворец. Во него живееле кралот Милко и кралицата Мила. Тие биле најдобрите, најмилите, најубавите…и сѐ нај, нај, нај на светот. Се сакале, се почитувале, со сложувале. Сакале секому да му помогнат, ама…
Ама никој на светот не е целосно среќен. Секому по нешто му недостасува. Па така, и кралот Милко и кралицата Мила имале сѐ, ама… немале дете!
Отпрво, штом се венчале, тие стрпливо чекале да им се роди детенце. Чекале една година, чекале две, чекале пет… Осум години чекале, ама…
Кралицата Мила, со секоја одмината година, станувала сѐ потажна. По осум години чекање веќе престанала да шета низ кралската градина. Престанала да ги милува розите со кои градината била полна. Само си седела, замислена, во својата соба. Сѐ почесто солзи ѝ го миеле лицето. Најпосле, кралицата Мила се разболела. Сите доктори од Кралството на розите дошле да ја прегледаат. Секакви лекови ѝ давале да пие. Секакви јадења да јаде. Ама, ништо не помагало. Никој немал лек за тагата. А болеста на кралицата Мила се викала тага.
Од грижи за љубената Мила, кралот Милко го изгубил сонот. Само шетал низ дворецот, низ градината…
Еден ден натажениот крал седнал на клупата во својата градина и се загледал во единствената роза отспротива. Воздивнувајќи, рекол:
„Ох, Боже! Има ли некој што може да помогне да ми оздрави мојата Мила?“
На огненоцрвениот цвет на розата отспротива една огромна бела пеперуга ги одморала своите раскошни крилја и шмукала сок од розата. Кога го слушнала болниот извик од несреќниот крал Милко, пеперугата летнала до него, му застанала на рамото и брзо-брзо се претворила во прекрасна самовила со волшебно стапче во раката. Нежно го допрела тажниот крал со стапчето и му рекла:
„Несреќен кралу, ти бараш помош. Па, еве, јас самовилата Добринка, дојдов да ти помогнам. Земи го зрнцево“ – и му подала едно малечко семче. – „Ова е семе од Розовиот цвет, тој е волшебен. Прави чуда…“
Кралот Милко со насолзени очи ја гледал самовилата Добринка. Не им верувал на сопствените уши дека го слуша тоа што го кажала самовилата. А Добринка продолжила:
„Дај му го семево на кралскиот градинар. Нека го посее, нека го негува. Од него ќе никне цвет. Кога ќе расцвета, секој што ќе го помириса, ако е болен, ќе оздрави“.
„А, Мила?!“ – извикал кралот полн со надеж.
„И Мила…“ – шепотела Добринка. -„И Мила ќе оздрави и ќе ти ја роди Розовата принцеза“.
Кралот Милко, од среќа, не слушал ништо повеќе. Не ги чул ниту последните зборови на Добринка:
„Само внимавај, кралу! За ова никому немој ни збор да му кажеш, оти…“ – и самовилата Добринка пак станала пеперуга и одлетала меѓу розите во кралската градина.
На клупата до кралот останало само зрнцето семе од розовиот цвет. Милко го гледал малечкото зрнце со широко отворени очи, додека усните сами му шепотеле:
„Ти благодарам, самовило Добринке…Ти благодарам…Ти бла…“
Но, не успеал да го докаже зборот. Самовилата Лошка, која преправена
во црна пеперуга стоела закачена за едно липово гранче и која видела и слушнала сѐ, вчас се нашла до кралот. Претворена во злобна вештерка со црна наметка, Лошка го удрила Милко по глава. Тој се онесвестил и паднал наземи.
Лошка свирнала со своето волшебно свирче и веднаш до неа долетал Лудиот ветер. Тој ѝ бил слуга на Лошка. Таа му наредила:
„Однеси го семево на Планина, високо, кај орловото гнездо, таму каде што досега човечка нога не стапнала. Фрли го таму и…“
Розовиот цвет замолчел натажен, ја наведнал својата главичка и воздивнал. А ежето и Златната лисица во еден глас извикале:
„И?!“- и чекале Розовиот цвет да продолжи да раскажува.
А Цветот рекол:
„И… тоа. Еве, како што гледате, јас никнав овде, на оваа непроодна и пуста планинска патека… Никнав, расцутив, промирисав, ама што ако. Кралицата Мила не може да дојде до мене, не може да ме помириса и… ох, ох, ох. Розовата принцеза никогаш нема да се роди…“
Се нажалило Ежето. Се натажила Златната лисица. Ги наведнале главите. Мислеле, мислеле, мислеле… Како да помогнат?
Од тага, од немоќ, Ежето се стуткало како боцкава топка и останало да лежи покрај коренот на Розовиот цвет.
Златната лисица, пак, почнала да врти околу Цветот и да си ја брка сопствената опашка. Таа секогаш правела така кога сакала да смисли нешто паметно. И си потпевнувала:
„Да помогнам сега само тоа сакам. Ох, колку многу, колку многу сакам во Кралската градина кај старата липа, цветов убав, росен, назад да го вратам“
И трчала, трчала, си ја бркала опашката и најпосле извикала:
„Ох, се сетив! Да, да, да… ми текна! Знам како, знам зошто…Да, да, да!“
Ежето го подигнало главчето и со чудење ја гледало Златната лисица како се превртува прекуглава и вика:
„Јас знам што треба да се прави! Се сетив!!!“
„Е па, ако си се сетила, кажи! Не туку…“ – извикало Ежето и ја фатило Златната лисица за опашката. Тогаш таа седнала и рекла:
„Еве, вака ќе направиме: јас внимателно ќе го откорнам Розовиот цвет и ќе го закачам за твоите боцки, Еженце. Потоа ти ќе седнеш на мојот грб и јас ќе те однесам во градината на кралот Милко. Таму…“
„Знам, знам!“ – извикало Ежето. – „Ништо повеќе не зборувај, Лисо! Ајде…“
Така, Розовиот цвет се нашол Кралската градина, под прозорецот на болната кралица Мила. Неговиот опен мирис се ширел над постелата на болната кралица и… – чудо! Кралицата секој ден се чувствувала сѐ подобро! Еден ден Мила успеала да излезе надвор и со свои очи да го види Цветот, со свои раце да го помилува. И така, кралицата мирисала, здравеела, мирисала…
Минувало времето. По жешкото лето, дошла дождлива есен. Неа ја заменила студена и снежна зима, а по неа, пак, ете ти ја пролетта.
А кога дошол мирисливиот мај, кога расцутеле розите во Кралската градина, во спалната соба на кралицата Мила се чул плач на новороденче. Се родила Розовата принцеза.
И гледај – чудо! Бебенцето не само што било розовко, дебелко, туку било и постојано насмевнато.
Ја крстиле Насмевка.
(продолжува)