Шарен свет
Родителите на тинејџерите денес сѐ потешко можат да ги разберат своите деца. Понекогаш навистина е тешко да се дешифрираат нивните пораки што ги користат во секојдневната комуникација со своите пријатели.
Едно најново истражување покажа дека тинејџерите во Велика Британија во просек користат само 800 различни зборови на ден, што е резултат на новите средства на комуникација, како што се паметниот телефон, таблетите, интернетот…
Овој феномен веќе ги загрижува надлежните стручњаци, кои оценуваат дека ограничениот речник ја намалува можноста за добивање добра работа во иднина и за успех во животот.
Меѓутоа, некои лингвисти тврдат дека за тинејџерите овој речник претставува средство за меѓусебно комуницирање и поедноставување на работите. Тие дури сметаат дека истражувачите се тие што не ја разбираат неговата сложеност.
Британските медиуми пренесуваат дека надлежните имаат намера да поведат кампања против сѐ послабото користење на англискиот јазик меѓу младите во земјата.