Тато велеше дека дедо има златни раце. За човек се вели дека има златни раце ако знае многу занаети. „Со рацете може од дрво нозе да направи“, го величеше татко. Мама за дедо велеше дека е господар на дождот и на снегот. „Ги кротешe штом ќе се појавеа со сиот бес во себе. Им ја фаќаше капката на покривот од старата куќа, и тоа додека трепнеш.“ Тоа дека дедо не е од овој свет се уверивме и јас и мојата сестричка на ден Коледе. На тој ден децата од маалата тргаат во раните утрински часови од куќа до куќа, пеат коледарски песни и собираат дарови (колачиња, оревчиња, бонбончиња, леблебија, смоквички, суви сливи и денарчиња).
Дента пред Коледе, татко ни пееше коледарски песни. Со нетрпение го чекавме часот кога дедо, рано наутро, ќе треба да нѐ разбуди и со децата од маалата да тргнеме на Коледе. Пријатната атмосфера што ја правеше татковото пеење на коледарските песни, ја прекина мама со строгата одлука: „Годинава поради лошото време, големиот студ, нема да одите на Коледе!“
Не помогнаа ниту нашите молби и плачки, ниту, пак, разумот на татко: „Разумно е да не ги издвојуваме од јатото, ако одат другите деца од маалата, треба да одат и нашите.“ „Не!“, рече мама и пресече. Само што легнавме со целата светска тага насобрана во нас, дедо влезе во собата и нѐ утеши велејќи: „Сепак ќе одите“.
По кратко време, откако дедо ја напушти собата, се видов како со сестричето рака за рака, облечени како за Северниот Пол, чекоревме по децата од маалата, кои, патем, пееја коледарски песни. Пеевме и ние.
Поради лошото време и пандемијата, наставата во училиштата беше прекината, така што можевме да се разбудиме подоцна од времето одредено за поаѓање на училиште. Само што ги отворив очите, гласно извикав: „Успеавме! Бевме на Коледе!“ „Како бевме кога сѐ уште сме во пижами?“, изусти сестричето и повторно почна да солзи.
И пред пижамите и топлата постела и мене да ми ги наполнат очите со солзи, во собата влезе дедо со две полни ќеси коледарски подароци. „Ова што утринава го донесовте од Коледе ќе го разгледаме штом за тоа ќе бидете подготвени“, рече. „Нели ти реков дека бевме“, му се обратив на сестричето. „Да, се сеќавам“, рече сестричето и отрча по дедо.
Додека ги разгледувавме коледарските подароци, мама застаната над нас рече: „Забраната беше во интерес на вашето здравје. И не погрешив.“