Од творештвото за деца на Емилија Матаничкова
Кокошката Дара
почна по цел ден да кокодака
и саноќ сон не ја фаќа.
ѝ задава немир
заградениот двор,
па реши да тргне
кон широкиот дол.
Да оди далеку,
Нови, други – трети места да види.
Прескокна ограда Дара
Стигна до првата бара
И еве ја страчката Мара:
,,Кра –кра–кра, Даро,
каде си тргнала надвор?!“
,,Одам на прошетка“
– кокодакна Дара,
,,ене, таму, до третата гора!“
,,Немаш компас, како ли ќе се вратиш Даро,
само се препелкаш,
а, не знаеш ниту да леташ!“
Продолжи Дара кон големата река
А таму, цела птичја Планета!
,,Чудно ми чудо
– кокошка покрај река,
Само се препелкаш,
А не знаеш ниту да леташ!“
– го отвори клунот пајката Павка.
,,Што бараш овде глисти и црви,
овде се ловат риби,
само се препелкаш,
a не знаеш ниту да леташ!“
– квакна гуската Гачка и нурна во реката.
Гавранот Грачко исправен,
го зафрли крилото на глава
и одважно ѝ проговори:
,,Што правиш тука, Даро, ова не е твое буниште,
не е ни твое маало,
немаш ниту клун за кршење ореви,
просо нема овде ниту
за гавраните мои,
и само се препелкаш,
а не знаеш ниту да леташ!“
Натажено продолжи Дара
да шета, да види
светли, убави места
и еве го езерцето кај блеска!
Се приближи до езерскиот брег,
А, таму лебедот бел,
господинот Крег:
,,Ау, бргу влези во вода, каде си се извалкала,
види се каква си кафеава!“
,,Таква ми е бојата, господине Крег,
тргнав да видам нов свет, а овде другар ни за лек!“
Натажена се врати Дара
бадијала убавини по светот бара
се присети на својот голем двор
и брзо-брзо поита кон кокошарникот свој.
Пред порта ја пречека домаќинката Вилма:
,,Каде си, каде,
колку ми недостигаше
златнице моја мила!“
,,Сите ми рекоа дека
не летам како нив
А, само сакав да прошетам, ене, до небесната шир.“
,,Не леташ како нив,
ама даруваш многу вкусни јајца
како ниту еден од нив!“
Легна Дара
сон ја фати
и во него го прошета светот
два-три пати.
снесе јајце едно в гнездо од сено
за домаќинката Вилма да ѝ рече:
,,Златнице, скапоцено!“
Две верверички
Во блиската шума
голема врева – бучи смеа!
Под крошната на старата леска,
две верверички во забавна треска!
Едната врти оро,
ги брои јасно,
лешниците на госпоѓа
Леска гласно!
Другата, пак, скокна да се лула
на една букова реса,
акробатска завеса
за нејзината јога-вежба!
На краток одмор, едната се сонча
и вежба голем говор,
Другата вешта, без поговор
фрла и фаќа и трнка и дренка!
Едната, на гондола од орев јатка
шкрипи во залет по
стрмната гранка,
Другата, на букова кора
распосла едро од брест
А, и двете со знаме од папрат
да се знае кој зазема
таков маратонски зафат!
,,Потивко, деца,
Оставете фестивали и карневали,
правење ветрови и вртимушки,
Време е за берба,
за зимата да не ни биде бедна!“
По налогот даден
од нивните мама и тато,
се дадоа во поход голем
собирање на зимско азно!
Си грицкаат три-четири лешничиња
И пет- шест желатчиња.
,,Не острете само запчиња, фатете се за работа,
десерт следува,
по сработена акција!“
Како големи вредници,
на долги колци
носат тие нанижани печурки.
Истрчаа и до топлата ливада
И гледаат – оп, кикирика!
Но видоа и голема
сува, од портокал кора,
па им текна на
една врвна мајсторија –
на нивниот заеднички тротинет
да ја стават оваа кошница
во која ќе го полнат својот бериќет!
Скокаа по дрвјата, по многу пати,
ја наполнија кошницата,
со највкусни желади.
Но, ги фати удолнина,
и камења и дупки,
а тротинетот нема сопирачки,
јурат нивните опашки
како најубави перца на ветрот,
а нивните желади
се разлетаа како конфети!
Спасија жива глава,
бргу истрчаа до
нивните мама и тато,
да собираат близу нив
од зимското благо.
Од таа необична случка
се случи мала шумичка!
А, ако случајно не знаете како –
нека ви објаснат мама и тато.
За авторката
Емилија Матаничкова (1978) е дипломиран професор и филолог по македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје при УКИМ.
Соработувала со повеќе списанија, магазини, весници, периодика, пишувајќи есеи и рецензии од областа на поезијата, прозата и особено за драмата и театарот.
Била уредничка во делот за драма и театар во електронското издание на списанието „Блесок“, уредничка на билтените на театарскиот фестивал „Ристо Шишков“ и соработничка на театарските билтени на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Преведува од словенечки, бугарски и полски јазик, а во Рускиот центар при УКИМ го изучува рускиот јазик. Рецензентка е и промоторка е на неколку книги (роман, драми и поезија).
Добитничка е на неколку награди, меѓу кои на конкурсот за најдобар краток расказ на весникот „Нова Македонија“ (2017) ја доби првата награда. Во 2025 година „Дата песнопој“ од Битола ја наградува за најдобра поетска збирка за книгата „Парченца Македоноверзум“.
Пишува раскази за деца и возрасни, бајки за деца, драми и драматизација на бајки за деца.
Нејзина голема преокупација се и растенијата. Организирала неколку работилници (пракса и предавање) во основно училиште по предметот: Природни науки, носејќи садници (од собни дрвја и цвеќиња, прочистувачи на воздухот) и учејќи ги учениците како да садат и како да се грижат за растенијата.
































