СТИХОВИ ХРАНЛИВИ И ФИНИ, ПОЛНИ СО ВИТАМИНИ
Во чинија детска,
во чинија мала
ќе ви кажам мама,
во неа што ставила,
на својата ќеркичка
што сѐ ѝ дала:
цвекло,
морков,
зелка, и
маслинка
една.
Но за растење,
мама рече,
дури
и една,
маслинка е
вредна.
Цвеклото:
Нема да се фалам,
но да ви кажам право
од сѐ во чинијава,
цвекло да се јаде
е најмногу здраво!
Морковот:
Оф, оф, цвекленце
само си се фалиш,
а кажи ми:
кој тебе во супа
може да те стави?
И само да те прашам:
супа без морков
дали некој прави?
Цвеклото:
Ама, во соковник цвекло
кога ќе се стави,
сокче пијат децата
и многу се здрави!
„А од зелката, пак
вкусна салата и
сарма се прави“
се навреди зелката
па и таа се јави:
Зелката:
Богатство
од витамини,
богатство
од минерали
во вас се крие
но под земјата,
си растете вие
и пред секој оброк
секој треба долго
да ве чисти,
да ве мие.
Ете зошто толку
многу јас ве жалам
а никогаш јас самата
не си се фалам
но крцкав и чист
е секој мој лист!
Разговорот љубопитно
го слушаше Михаела
и набрзо ја испразни
чинијата цела!
Ммм… ммм…
зеленчукот
многу вкусен беше
и маслинката,
онаа, во чинијата
што беше
само една,
Михаела
си ја изеде
таа една,
си зеде
уште една,
и уште една!
Сигурно веќе
изброи и ти,
дека Михаела изеде
маслинки три!
Вера Андон
Замрзната
понада
Aна на Андреј му вели:
– Ниту сум видела,
ниту сум чула,
такво овошје
со име мушмула.
– На дрво мушмули растат,
– Андреј ѝ вели,
– ситни плодови
што не се јадат цели.
Пред плодовите да се јадат,
семките им се вадат.
Кафеави топчиња со
вкус што не личи
на ништо друго,
имаат плотче вкусно,
но многу тврдо.
Дури откако мраз ќе ги фати,
треба да се јадат,
ем да нѐ освежуваат,
ем да нѐ сладат.
Мирисот
на градот
Во планината висока
во шумата густа ко мрежа,
гранките на дрвјата
од костени тежат.
Ветер силен дувна
„оп“ нешто падна
костен се стркала
по земјата ладна.
Надолу, надолу
некако се снајде
нашиот костен
на печката се најде.
Печката си грее
на широкиот плоштад,
на костени мириса
целиот наш град.
И сега дечињата
топло облечени
мирисаат и се сладат
со костени печени.
Филип Димкоски
Сашко и смоката
Знаете ли вие
таму што се крие,
со очи кога Сашко шара,
што ли бара,
што ли бара?!
Нешто таму чека,
жолта, нежна, мека,
Смока една мала
на бегање се дала,
од трчање ќе клапне,
Сашко ќе ја лапне.
Чека Сашко, чека,
малечок е, нека,
од татко му се крие,
со очите ја пие.
Со мислите ја јаде,
сака да ја краде,
па демне Сашко, врие,
пак ќе му се скрие,
леле, ќе се здаде,
веќе нема каде.
Полека бре, Сашко, стој,
ти си внукот мој,
за да видиш фајде,
дедо ќе ја најде.
Александар Васил Пујовски