Да се биде дел од ова драмско студио не е само давање претстави и снимање филмови туку и дружба, забава, смешни моменти и, најважното, соработка, велат членовите на студиото
Средба со м-р Драгана Боцеска, раководителка на драмското студио за деца и млади „Цвет 75“ од Охрид
Драгана Боцеска (49) е филолог по компаративна книжевност и магистерка по туризам, со долгогодишно работно искуство во културата и во образованието. Сепак, најважно за нашата средба беше тоа што е раководителка на драмското студио за деца и млади „Цвет 75“, кое во 2018 година е оформено во нејзиниот роден Охрид и оттогаш работи без прекин. Има две групи, мала и голема, а интересно е дека членови на студиото се и нејзините две деца, синот Никола и ќерката Лина.
Во студиото се изработуваат кратки филмови, емисии за деца и млади, а се подготвуваат и претстави. Досега се снимени околу сто емисии, кои се емитувани на телевизијата Сонце, неколку се прикажани на Македонската телевизија и на јутјуб-каналот на драмското студио „Цвет 75“. Нивните кратки филмови се емитувани и на телевизиите Сител и ТВМ.
Кажете ни нешто повеќе за процесот на работа и создавање емисии во Вашето студио?
– Секоја сабота подготвуваме нова емисија, која трае околу 15 минути и се емитува следната сабота на ТВ Сонце. Значи, еднаш неделно имаме нова епизода, а одат и репризи сега за време на летниот период. Од септември продолжуваме со нови епизоди, секоја сабота во 11 часот. Обработуваме историски теми, едукативни, еколошки, а имаме и играна програма. Во последно време обработуваме македонски народни приказни и драматизираме случки од секојдневието на децата. Темите ги одбираме заеднички. Исто така, изработуваме две-три претстави годишно. Автор на сценариото и текстовите најчесто сум јас, но често и децата даваат идеи или и самите се автори на одредени сценарија, кои потоа ги адаптираме.
Каде можат да се видат Вашите претстави?
– Со претставите гостуваме по училиштата во Охрид, а сме гостувале и за Денот на театарот во Домот на културата во Струга, во Мултифункционалниот центар во Вевчани и на културното лето „На зајдисонце во Трпејца“.
Дали имате поддршка од Општината и од институциите и колку тоа Ви помага во реализацијата на проектите?
– Да, нашето драмско студио има поддршка од Општина Охрид, а сме наишле на соработка и во Вевчани, Трпејца и Струга, а исто така соработуваме и со многу институции во Охрид.
Студиото најмногу се потпира на ентузијазмот и љубовта кон уметноста и креацијата. Ние можеме да се приспособиме на секоја сцена и на секој амбиент, важно ни е да ја одиграме претставата, да ја снимиме емисијата, работиме брзо и се адаптираме. Уметноста може да се прикаже секаде. И публиката го прифаќа тоа, зашто нашите текстови се едноставни, на некој начин блиски до секого и искрени.
Дали би издвоиле некоја претстава како особено успешна?
– Со големата група минатата година ја прикажувавме претставата „Пепелашка“ од Охрид, која е адаптација на бајката за Пепелашка во амбиент на почетокот на 20 век во Охрид, а годинава имаме и втор дел од оваа претстава, „Ќерките на Фроса“, каде што всушност станува збор за две разгалени и мрзливи сестри што не можат да одберат за кого ќе се омажат, една куќа што сите сакаат да ја купат и еден шивач што некако помага да се случат работите. Вториот дел може да се сфати и како втор дел од бајката за Пепелашка.
Со малата група прикажуваме едночинки, најчесто во градинките и училиштата, а годинава ќе настапиме и на отворена сцена во Охрид, на манифестацијата“За сите деца“, во организација на Општина Охрид. Претставата со која ќе настапиме се вика „Модерна бајка“, која е адаптација на „Заспаната убавица“, има опфатено еколошки теми, но и современи проблеми, како што се одмаздата, непочитувањето на даденото ветување и слично. Акцент се става на дружењето, помагањето, вистината, правдата, љубовта…
Студиото најмногу се потпира на ентузијазмот и љубовта кон уметноста
и креацијата. Ние можеме да се приспособиме на секоја сцена и на секој амбиент, важно ни е да ја одиграме претставата, да ја снимиме емисијата, работиме брзо и се адаптираме. Уметноста може да се прикаже секаде.И публиката го прифаќа тоа,
зашто нашите текстови се едноставни, на некој начин блиски до секого и искрени,
посочува Драгана Боцеска
Дали текстовите ги приспособувате за возраста за која се наменети?
– Се разбира. Бидејќи текстовите се за деца и млади, кога ги адаптирам или пишувам, на крајот има поука за тоа како треба или критика за тоа што не треба, бидејќи младите многу учат од тоа што го гледаат, а особено и ако учествуваат во една таква претстава или емисија. Сметам дека народните приказни се големо богатство и извор на мудрости од кои сѐ уште можеме да учиме, на лесен начин ни се открива вистината и преку примери, некогаш со доза на хумор, можеби затоа децата ги сакаат. Децата сакаат на хумористичен начин да ги искaжат работите и затоа често во нашите емисии и претстави има доза на хумор.
Која е Вашата и целта на членовите на студиото „Цвет 75“?
– Наша цел е да снимиме повеќе емисии, да ја развиеме продукцијата, да го подобруваме квалитетот, да учествуваме и на некој филмски фестивал. Сметам дека сме еден мал дел од мозаикот во македонската играна продукција и дека придонесуваме кон тоа да се создаваат нови емисии на македонски јазик, серии, не само за деца. Авторите, продуцентите да се охрабрат и да создаваат играна програма што може да е конкурентна. Сега е достапна техниката, така што мислам дека е полесно, иако секогаш мора да има предизвици и проблеми, еве ние сме доказ дека кога се сака, се може. Македонската публика е жедна за македонски емисии, серии, филмови што може да ги гледа целото семејство.
Дали би сакале да ни ги претставите Вашите членови, младите глумци?
– Низ ова студио поминале повеќе деца, некои се задржале пократко, некои подолго, некои пораснале па заминале, а некои сѐ уште се тука од почетокот.
Почит до сите нив и нивниот труд и ангажирање. Во овој момент членови на големата група (над 12 години) се: Мила Милошеска, кoja ќе биде деветто одделение, пишува текстови, поезија и проза, од мала ја интересира глумата; Климентина Глигороска од Мислешево, Струга, ќе биде трета година гимназија, одела и на ракомет, пишува текстови, сценарија, сака во иднина да работи како актерка; Лина Боцеска ќе биде трета година гимназија, се занимавала и со возење со кајак, со балет, со кошарка, со пишување; Климент Размоски ќе биде деветто одделение, оди на музичко, свири хармоника, се занимава со пишување, размислува дали да продолжи со глума или музика (обезбедува реквизити, за претставите и емисиите); Александра Петреска ќе биде осмо одделение, оди на балет, на музичко, свири клавир, пишува поезија и проза, ги сака и глумата и математиката; Лука Наум Костадиновски ќе биде осмо одделение, одел на повеќе активности, игроорна, шах, „Бреин о бреин“, за да остане во драмското студио.
Мала група (до 12 години): Христиана Митровиќ ќе биде петто одделение, оди на англиски, на пливање, ги сака глумата и дружењето; Кирјана Митровиќ ќе биде трето одделение, оди на пливање, на англиски и на драмско; Делфина ќе биде шесто одделение, оди на музичко, сака и да пее, настапувала на „Рибарче“, детски фестивал, сака да пишува текстови и да глуми: Галена Јорданоска ќе биде трето одделение, оди на игроорна, исто така настапувала на „Рибарче“, но ја сака и глумата; Никола Боцески ќе биде петто одделение, сака да глуми, да пишува текстови, игра ракомет, црта, многу сака да оди на плажа; Илијана Димитровска тренира атлетика, обожава да чита, членка е на библиотекарска секција и, пред сѐ, ја сака глумата.
Кои се Вашите пократкорични и подолгорочни планови?
– Летово подготвуваме еден филм, кој би требало да биде готов наесен. Учествувавме на манифестацијата „На зајдисонце во Трпејца“, со претставата „Ќерките на Фроса“, а двете групи, и малата и големата, ќе настапат на отворена сцена во градот на манифестацијата „За сите деца“, организирана од Општина Охрид. Малата група во јуни настапи во градинката во Охрид со претставата „Модерна бајка“, а со истата ќе настапи и на 30 август.
Со снимањата за телевизиски емисии продолжуваме од септември. Темите ќе бидат случки од животот, бонтон, едукативни содржини, посета на интересни места. Со големата група ќе продолжиме да снимаме случки од животот, документарни емисии, но и кратки филмови.
Во иднина имаме планови да подготвиме нова претстава, идеите се разработуваат летово, зависи и од интересот на децата од септември. А како поважни планови се учество на фестивали во Македонија, па и пошироко и секако нови емисии, кои ќе се интересни за создавање и за гледање, зашто членувањето во студиото сепак треба да биде и забава и задоволство.
Веројатно освен креативноста, во текот на подготовките на емисиите и на претставите децата се спријателуваат, другаруваат меѓу себе.
– Точно така, децата во студиото се дружат меѓусебно, не само на часовите туку и надвор од драмското студио. А за време на снимањето, пробите и давањето претстави има многу анегдоти, смешки, речиси секогаш се случува нешто интересно. Често кога снимаме на отворено луѓето приоѓаат и ни даваат поддршка. По претстава, особено помалите деца сакаат да се фотографираат со детето што глумело некој лик, за што секогаш младите актери имаат трпение.
Ги прашавме децата актери што значи за нив членувањето во студиото „Цвет 75“?
Мила Милошеска: Членувањето во ова драмско студио ме прави да бидам среќна и поснаодлива. Тука научив да се снаоѓам со сите проблеми и дека за сѐ има решение. Јас и другите стекнавме повеќе искуство со давањето на драматизациите. Нашата трема и „страв“ пред излегувањето на сцена пред публика ги снема. Но да се биде дел од ова драмско студио не е само давање претстави и снимање филмови, туку и дружба, забава, смешни моменти и, најважното, соработка.
Лина Боцеска: Во текот на годините додека сум членка во драмското студио имам стекнато поголемо искуство како учесничка во многу претстави и филмови, како и учества во разни емисии. Најомилени ми се претставите, сакам настапи во живо пред публика. Имам глумено најразлични ликови и гледам што подобро да се приспособам на улогата, со што сѐ е поинтересно и позабавно.
Никола Боцески: Во драмското се дружиме и се договараме секој понекогаш да глуми негативен лик, да нема лутење.
Климентина Глигоровска: Јас сакам да глумам секакви улоги, а особено ми е интересно да глумам комични и негативни ликови.
Илијана Димитровска: По природа сум љубопитна, сакам да се дружам, да создавам, да креирам и да глумам. Ете, затоа доаѓам во студиото.
Анегдоти
„Секоја претстава или снимање по нешто се разликува од другите. Се случува во моментот да импровизираме и понекоја смешка, секако без да претеруваме“, велат членовите на студиото.
Климентина Глигоровска откри дека за разлика од снимањата, кога може да се повтори сцената ако некој кадар е неуспешен, во претставата мора да бидат многу концентрирани, зашто, како што вели, тука „нема назад“.
– Во една пригода, беше пролет, додека ја игравме претставата на Сараиште, ни падна шамија во вода и Мила влезе неочекувано во водата да ја земе. Сите бевме изненадени – велат децата глумци.
Во друга пригода, кога ја згрешиле сцената во една претстава, морал да интервенира „мајстор Климе“.
– Не знаевме што да правиме и на сцената се појави Климент, „мајстор Климе“ и ја извади Климентина односно Фроса од сцената, велејќи и дека ќе ја носи на лекар – се потсетија младите актери.