Успешно реализиран проект на библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид

Петнаесет дечиња од пет основни училишта во Охрид неодамна беа вклучени во проектот „Книгата најдобар пријател на децата“, кој се реализира како дел од годишната програма на библиотеката „Григор Прличев“, а со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.
На учениците од училиштата „Братство единство“, „Григор Прличев“, „Христо Узунов“, „Ванчо Николески“ и „Св. Климент Охридски“ им се придружи и ученик од соседна Србија, од ОУ „Михајло Пупин“ од Земун, Србија.
– Другарувавме со едукативни книги (енциклопедии), книги со висококвалитетна содржина и привлечни илустрации. За време на часовите кај децата го поттикнавме, а тие го искористија својот скриен талент за цртање и пишување. Се надеваме дека ја остваривме нашата цел да ја доближиме библиотеката што поблиску до децата, кои се нашата иднина, и да им помогнеме да ја засакаат книгата, која може и треба да биде нивниот најдобар другар – велат од библиотеката.
Активностите се одвиваат во траење од еден училиштен час во текот на десет работни дена во библиотеката, почнувајќи од 24 јуни до 5 јули. Ф.Д.