Овие ликови не трагаат по нешто егзотично и материјално, тие всушност сакаат една цел, а тоа е слободата. Да бидат и духовно и физички слободни и така да живеат, без никакви дополнителни ограничувања и потиснувања, вели Андреј Јанков
Од мој агол: Андреј Јанков, поет
Да се пишува за децата значи да се пишува однатре, со срце. Оние што сакаат да творат за младите читатели треба да бидат на исто рамниште со нив. Овој пат ја одбрав темата: „Улогата и значењето на избрани ликови од лектири и сказни во детскиот свет“, затоа што сметам дека малкумина кај нас зборуваат за вистинскиот, реален свет каде што децата несомнено се едни од најголемите креатори и двигатели.
Во нашата книжевност, особено во детската литература, се застапени безброј ликови, кои се јавуваат како херои, победници, борци итн. Тие подоцна им стануваат идоли на денешните деца. Но на кој начин? Дали тоа е толку лесно колку што изгледа кога е напишано или во практиката не е нималку едноставно и спроведливо.
Навистина, не е ниту магично ниту лесно остварливо. Но тоа зависи од родителите и од наставниците за тоа на кој начин и како им ги доближуваат и прикажуваат ликовите, настаните, нивните подвизи и успеси. Па, зарем ликовите како што се: Трнорушка, Петар Пан, Малиот принц, Снежана, Пепелашка, Јованче, Марика, Пипи Долгиот Чорап, Алиса, Том Соер, Мери Попинс, не се еден убав приказ, како децата треба да бидат подучувани и инспирирани од нивните избори, дела и ставови?
Многумина ќе речат: „Како можеш да зборуваш така, зарем ги поддржуваш во нивните бегства, лоши избори, потраги по своето јас и слободоумен живот?“ Јас, пак, не би се согласил, затоа што токму тие ликови не трагаат по нешто егзотично и материјално, туку тие всушност сакаат една и единствена цел, а тоа е слободата, да бидат и духовно и физички слободни и така да живеат, без никакви дополнителни ограничувања и потиснувања.
Тоа е она што на децата им недостига. Слобода, да имаат раскошно и среќно детство, да не им се скратува времето што им е дадено и безгрижно да уживаат во детската игра и смеа.
При воспитувањето и едуцирањето на децата треба да се укаже на сите последици и успеси до кои може да се дојде врз основа на нивните постапки и дела. Да се поучат, на суптилен и разбирлив начин, за да може да им се доближи поентата, но и да биде прифатена. Да се соочат со ликовите и со нивните дејства и потези, да може да стекнат авторитет над самите себеси и чувство за самочувствување и емпатија кон вистинските вредности.
Истовремено, овде би кажал неколку реченици за релацијата наставник – ученик, која во современиот тек е многу актуелна. Свесни сме во денешно време дека на глобално ниво светот е збир од различни карактери.
Па, така, пристапот, вербалната и невербалната комуникација се од големо значење за едно такво почетно ниво на едуцирање и воспитување, не само кај децата туку и кај адолесцентите. На тој начин се создава слика за наставникот и за неговата принципиелност и професионалност. Третманот кон детето, односот при запознавањето на децата со фиктивните ликови и заклучокот што следува како финална верзија. Од исклучителна важност беше споменувањето на улогата и влијанието што родителите и наставниците ги предизвикуваат и создаваат. Бидејќи тие ја имаат најголемата моќ при нивното воспитување и насочување во животот. Затоа, од сите нас се бара само едно, да бидеме светлосни водичи и мотиватори, а од децата, да чекорат по животниот пат како херои и победници, облеани во среќа, задоволство и мир.
Посакувам да продолжиме да ја негуваме богатата книжевна ризница и секогаш да се потсетуваме и да се гордееме со она што го имаме. За децата, тие мали, а сепак толку големи умови, нека растат и мечтаат со љубов во срцата, зашто за секое дете има место под сонцето и секое дете има право да живее во свој имагинарен свет.