Античките Олимписки игри биле религиозни и спортски фестивали што се одржувале на секои четири години во светилиштето на Зевс во Олимпија. Натпреварувањето било меѓу претставници на неколку градови држави и царства во Стара Грција. Овие игри вклучувале главно атлетски, но, исто така, борбени спортови како што се борење и панкратион, тркачки настани со коњ и кочија. Нашироко е запишано дека за време на игрите, сите конфликти меѓу учесниците градови држави биле одложувани до нивното завршување. Овој прекин на непријателствата бил познат како олимписки мир или примирје. Оваа идеја е модерен мит бидејќи Грците никогаш не ги суспендирале нивните војни.
Примирјето дозволувало аџиите што патувале до Олимпија спокојно да минуваат низ завојуваните територии, бидејќи тие биле заштитени од страна на Зевс. Потеклото на Олимпијадата е обвиткано во мистерија и легенда, како што еден од најпопуларните митови ги поставува Херакле и неговиот татко Зевс како предци на игрите. Според легендата, Херакле бил тој што прв ги нарекол игрите „Олимписки“ и воспоставил обичај да се одржуваат на секои четири години. Митот продолжува дека откако Херакле ги завршил дванаесетте задачи, тој го изградил Олимпискиот стадион во чест на Зевс. По неговото завршување, тој чекорел по права линија 200 чекори и растојанието го нарекол „стадиј“ (грчки: στάδιον, латински: stadium), која подоцна станала единица на далечина. Најприфатениот датум за почетокот на Античките олимписките игри е 776 пр. н.е. Ова се заснова на натписи, кои се пронајдени во Олимпија, набројувајќи ги победниците на трка одржувана на секои четири години, со почеток во 776 пр. н.е.
Античките игри подразбирале настани за трчање, пентатлон (составен од скокачки настан, фрлање дискуси и копја, ножна трка и борење), бокс, борење, панкратион и јавачки настани. Традицијата вели дека Кореб, готвач од градот Елида, бил првиот олимписки шампион.
Олимписките игри биле од темелно верско значење, каде што се одржувале спортски настани заедно со ритуално принесување жртви во чест на Зевс (чија позната статуа од Фидиј е поставена во неговиот храм во Олимпија) и Пелоп, божествен херој и митски цар на Олимпија. Пелоп бил познат по неговата кочијашка трка со кралот Еномај од Пиза, Грција. На победниците од настаните им се восхитувале и ги овековечувале во песни и статуи. Игрите се одржувале на секои четири години и овој период, познат како олимпијада, бил користен од Грците како една од нивните единици за мерење на времето. Игрите биле дел од циклус познат како Панхеленски игри, во кој спаѓале Питијските игри, Немејските игри и Истмиските игри.
Олимписките игри го постигнале својот зенит во 6 и 5 век пр. н.е., но потоа постепено се намалило значењето како што Римјаните стекнувале моќ и влијание во Грција. Иако не постои научен консензус за тоа кога игрите официјално завршиле, најблискиот датум е 393 година во нашата ера, кога царот Теодосиј Први наредил да се елиминираат сите пагански култови и практики. Друг датум што често се цитира е 426 година во нашата ера, кога неговиот наследник, Теодосиј Втори, наредил уништување на сите грчки храмови.
(Од Википедија на македонски)