Виолета со соучениците и со учителот Перо Иванова

Годините минуваат, животот тече, но речиси кај сите луѓе трајно врежани остануваат спомените од детството, миговите на радост и безгрижност, но и миговите на тага и разочарување. Што и да се случило во овие наши рани години се доживува многу интензивно и можеби затоа останува долго да се памети. Како што знаете, 5 октомври се одбележува како Светски ден на учителот. По тој повод ние поразговаравме со познати имиња од нашата културна сцена, кои ни ги раскажаа спомените на нивните највпечатливи наставници. Сигурни сме дека ќе уживате во сеќавањата на актерката Тања Кочовска, харфистката Мерсиха Шукри, писателката Виолета Танчева Златева и на актерот Бобан Алексоски, кои наместа ќе ве насмеат, можеби и ќе ве натажат, а на вашите родители ќе им предизвикаат носталгија и ќе ги потсетат на времето кога и тие биле ученици.
Но, можеби најважно е што овде ќе ги спомнеме имињата на наставниците што сега се веќе пензионирани, а некои од нив веќе не се меѓу нас, но со ова потсетување на нив градиме кула од спомени за личностите што воспитале безброј генерации, им подариле знаење и насмевки на многу деца, а меѓу нив и на нашите соговорници.
А вие, драги читатели, кога последен пат сте се сретнале, сте им напишале порака или сте им се јавиле на вашите драги воспитувачи, наставници и професори? Направете го тоа денес, вие ќе бидете среќни, а за нив тоа ќе значи огромна радост, знак на почит и внимание.

Тања Кочовска, актерка

Олга Тодоровска – учителка полна со грижа и разбирање

Од прво до четврто имав наставничка што многу ја сакав и многу ме сакаше. Се вика Олга Тодоровска. Ја сретнав пред неколку години и беше истата како кога ми предаваше. Таа имаше разбирање за моето понекогаш необично однесување на час. Начинот на кој живеевме дома, поради сите патувања и поинаков начин на живот со моите родители, ме правеше понапредна од другите деца. Така, често знаев да кренам рака и да раскажам нешто што немаше никаква врска со она што се зборуваше на тој час. Сепак, наставничката знаеше да го прифати тоа и да изреагира соодветно, додека соучениците ме гледаа зачудено. Мајка ми работеше во истото училиште, како наставничка по музичко образование, немаше мрдање и не бев разгалено дете. Но знаев да правам разни бељи, кои не ми беа земани за зло. Кога станав средношколка, сѐ беше поинаку. Професорката Гордана по физика, во гимназијата „Никола Карев“, каде што се запишав по завршување на осмо одделение, ми го промени животот. Иако бев одлична, јас уште на почетокот реков дека не сакам физика, а таа ми рече дека ќе ми стави единица и ќе ме остави на полагање. Затоа, морав да се преместам во гимназијата „Орце Николов“, а тоа ми го расипа најубавиот тинејџерски период. Во новата средина создадов нови пријателства, а си имам и другарка од училишната клупа. Со најстрогите професори имав најдобра комуникација, која прерасна во пријателство и по завршувањето на средното образование. Играв ракомет, скијав, пливав и со професорката по физичко бевме големи пријателки.

Виолета Танчева -Златева, писателка

Наставникот Перо и сликата на „Девојката што чита“

Ако не ги сметам мајка ми и татко ми, кои ми предаваа француски јазик и физика од петто до осмо одделение во с. Турново, од сите учители што ги имав во животот, најмногу го паметам и го сакам првиот, Перо Иванов од Струмица. Тој ме учеше од прво до четврто одделение, во малото училиште во моето родно Бориево. Беше слаб и висок, таков го видов првиот ден, кога јас, шест и полгодишно дете, го погледнав оддолу качувајќи се по неколкуте скали за да стигнам до влезот, каде што нѐ пречекуваше. Не беше многу разговорлив, не беше шегаџија, беше строг и бараше да учиме. И по половина век, паметам многу нешта од четирите години поминати под неговото будно око. Но особено живи ми се две работи – метењето и сликата на „Девојката што чита“.
На еден час по физичко нѐ нареди во долниот дел од дворот на околу метар-два еден од друг, со метли во рацете, и нѐ учеше да метеме: лево-десно, сѐ додека не стигнавме до другиот крај на дворот. Не знам од каде имаше собрано толку метли, од големите што сите семејства сами си ги правеа. Но знам дека му беше важно навистина да нѐ научи да метеме и со тоа да ни всади добри навики за работа и за одржување на хигиената, а истовремено и да ни го одржи часот по фискултура, спојувајќи така две полезни работи.
Секоја пролет, пред 8 Март, на одморите или кога работевме самостојно вежби и писмени работи, тој го сликаше портретот на „Девојката што чита“ – без брзање, задлабочен и замислен над секој потег на раката. Не знаевме дали има семејство и никогаш не разбравме кому му ја подарува истата слика секоја година. Тогаш за парите не размислувавме надвор од скромниот џепарлак, па никогаш не ни падна на ум дека не слика само едно платно туку повеќе со истата девојка и дека потоа ги продава. Таа негова љубов кон зачитаната девојка ме проникна и мене, па подоцна навезов гоблен со истата репродукција, кој сѐ уште ми стои закачен во дневната соба. И постојано ме потсетува на мојот драг, строг но правичен прв учител Перо Иванов.

Мерсиха Шукри, харфистка

Љубов и поддршка од наставничката Снежана

Во текот на моето образование сум имала можност да работам со повеќе наставници, педагози. Секој од нив има оставено трага на мене како ученик и како личност воопшто. Сепак од моите рани години на образование, ќе ја издвојам Снежана Филицин, која ми беше наставничка по пијано. За едно дете многу е важно освен да ги совладува вештините на инструментот, да ги чувствува љубовта и поддршката од својот наставник. Токму тоа го имав од мојата наставничка Снежана. Часовите со неа знаеја да траат и подолго од определеното време, а да не се почувствува кога минало. Таа толку добро ја познаваше мојата личност што секогаш знаеше да даде програма што одговара на мојот сензибилитет. Всушност, со својата прекрасна педагошка работа, како основа, наставничката Филицин има голем удел подоцна и во моето изучување на харфата. Во една пригода, како дете, чекајќи да дојде мојот ред за час, се заиграв на ѕидот во училницата, цртајќи со раката. Занесена во мојата игра, ја забележав како ме гледа. Мислев дека ќе ме кара, но таа со блага насмевка на лицето ми се обрати дека е мој редот да седнам зад пијаното. И по толку време, се радувам кога ќе ја видам.

Бобан Алексоски, актер

Први часови од учителката за борба со животните предизвици

Од септември 1999 до јуни 2003 година моја наставничка беше Грозда Велкоска во ОУ „Кочо Рацин“ во Прилеп. Таа ми беше најголема поддршка за откривање на глумата, а токму во тие години почнав да играм во претставите за деца во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Грозда прва ми ги зададе рецитациите, репликите, сцените, ликовите… Вечно ќе ѝ бидам благодарен. Знам дека освен што ме поддржуваше, цело време ме следеше, што правам, како се однесувам. И не само мене туку целиот клас, нѐ учеше да се бориме со предизвиците на училиште и ни помагаше да ги надраснеме некои детски стравови. Паметам една интересна случка од четврто одделение кога лектирата „Двојната Лота“ позајмена од училишната библиотека, ја читав во Пониква, патувајќи на неколкудневна екскурзија. Враќајќи се кон Прилеп, во автобусот видов дека истата лектира ја чита друг соученик и се сетив дека ја оставив под креветот пред да заспијам претходната вечер. Отидов кај наставничката Грозда плачејќи, не можев да се смирам, тогаш немаше телефони да се среди веднаш работата. И денес кога се возам накај Пониква ми текнува на патот и стресот во автобусот за заборавената лектира од библиотеката. Наставничката ме смири и кога се вративме, ја купивме книгата и нова ја вративме во библиотеката во Прилеп. Многу чувства од тие први четири години на училиште паметам и често се сеќавам на таа основна мотивација и инспирација што и денес ме држи, благодарение на оваа жена, која зрачеше со позитивна енергија и ни всади самодоверба во секој од нас. Секој зимски и летен распуст, од прво до четврто, ние децата од нејзиното одделение ги поминувавме на Пелистер, заедно со наставничката Грозда, тоа беше најомилен дел во тие мои училишни години.


Учителка

Јас многу сакам
да бидам учителка
како нашата Кате
или како Марија
учителката на бате.

Со нашата учителка
песнички весели
заедно си пееме
и шеги таа кажува,
па сите се смееме.

И од книги шарени
со букви и со цртежи
ни чита, ни раскажува.
нѐ учи и да броиме,
со боички да боиме.

Кога дома си одиме
зборчето „до гледање“
секогаш таа
сака да го слушне
и секое дете
топло да го гушне.
Вера Андон

Филип Димкоски