Умни стихови на писателот Стојан Тарапуза (19)

Драги деца, во „Колибри“ можете да ја читате рубриката „Јатки на мудроста“, умните мисли на познатиот македонски писател за деца Стојан Тарапуза. Ова се стихови што замислуваат, подучуваат, разбиструваат многу дилеми во вашите глави.
„Ова се јатки од зборови со куќи и со дворови. Преполни се со духовен барут, секогаш цветен – никогаш штетен. Во нив живее мудроста. Царува вистината.
Се раѓаа спонтано. Доаѓаа како поплава. Ме понесуваа. Темите се различни. Пораките слични, сите до една добронамерни и хумани. Изразно се скржави. Мисловно – богати. Некои се и малку рогати! Зошто се такви, животот знае. Времето во нив и преде и ткае!“, вели за нив авторот.
Читајте ги овие мудри мисли секој вторник внимателно, размислувајте за нив, обидете се и сами да напишете некое умно слово. Тоа ќе ви помогне побрзо и полесно да растете и да го разберете понекогаш чудниот свет на возрасните.


За авторот

Стојан Тарапуза е роден на 29 декември 1933 година во Злетово. Основно образование завршил во родното место и во Штип, а Средно техничко училиште и Виша педагошка академија во Скопје, каде што живее и денес. Речиси целиот работен век го помина како новинар и уредник во редакцијата Емисии за деца на МРТ. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1966 година.
Како автор дебитира со стихозбирката за возрасни „Црвено растење“ во 1961 година, а во 1965-та ја издава и „Во каменот ден“. Потоа следуваат педесетина книги за деца, меѓу кои се и: „Грејни сонце“, „Дамбара думбара“, „Под стреата на ѕвездите“, „Поглед низ двоглед“, „Зборови по дворови“, „Шарки жарки“, „Брзалки без врзалки“, „Сон на тркала“, „Мудрословија“, „Разденица“, „Везеница“…
Застапен е во повеќе антологии на разни јазици, а негови песни досега се преведени на: руски, полски, чешки, словачки, романски, српски, хрватски и на словенечки јазик.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои се и: наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Ванчо Николески“ што ја доделува ДПМ за најдобра книга за деца во 2015 г., а трипати го добил признанието на Радио-телевизија Скопје за своето творештво.
Застапен е во читанките и во училишната лектира, а во 2011 година „Просветно дело“ ги објави неговите избрани дела во три тома.


1.

Кој дава, а не зема,
– со себе проблеми нема.

2.

Труба – грло,
уста – трло.

3.

Првин мисли,
потоа
што треба кажи.

4.

Не дава, а зема,
– наситка нема.

5.

Сѐ што се рои
не се брои.

Стојан Тарапуза