Умни стихови на писателот Стојан Тарапуза (15)

Драги деца, во „Колибри“ можете да ја читате рубриката „Јатки на мудроста “, умните мисли на познатиот македонски писател за деца Стојан Тарапуза. Ова се стихови што замислуваат, подучуваат, разбиструваат многу дилеми во вашите глави.
„Ова се јатки од зборови со куќи и со дворови. Преполни се со духовен барут, секогаш цветен – никогаш штетен. Во нив живее мудроста. Царува вистината.
Се раѓаа спонтано. Доаѓаа како поплава. Ме понесуваа. Темите се различни. Пораките слични, сите до една добронамерни и хумани. Изразно се скржави. Мисловно – богати. Некои се и малку рогати! Зошто се такви, животот знае. Времето во нив и преде и ткае!“, вели за нив авторот.
Читајте ги овие мудри мисли секој вторник внимателно, размислувајте за нив, обидете се и самите да напишете некое умно слово. Тоа ќе ви помогне побрзо и полесно да растете и да го разберете понекогаш чудниот свет на возрасните.


1.

Ниту зборува,
ниту се смешка,
– устата со коприви
си ја чешка.
2.

Секој сака што не бил
да биде,
и тоа е в ред,
но секоја пчела не дава мед.

3.

Животот има логика здрава:
Сѐ во свој џеб не се става,
сѐ што лета не се јаде,
се со поглед не се краде.

4.

Тој има и пари,
и имот и власт,
но зошто му се,
кога нема творечка страст.

5.

На гол камен не се седи,
во сенка на орев не се спие,
солена вода не се пие…

Стојан Тарапуза