Умни стихови на писателот Стојан Тарапуза (14)
Драги деца, во „Колибри“ можете да ја читате рубриката „Јатки на мудроста“, умните мисли на познатиот македонски писател за деца Стојан Тарапуза. Ова се стихови што замислуваат, подучуваат, разбиструваат многу дилеми во вашите глави.
„Ова се јатки од зборови со куќи и со дворови. Преполни се со духовен барут, секогаш цветен – никогаш штетен. Во нив живее мудроста. Царува вистината.
Се раѓаа спонтано. Доаѓаа како поплава. Ме понесуваа. Темите се различни. Пораките слични, сите до една добронамерни и хумани. Изразно се скржави. Мисловно – богати. Некои се и малку рогати! Зошто се такви, животот знае. Времето во нив и преде и ткае!“, вели за нив авторот.
Читајте ги овие мудри мисли секој вторник внимателно, размислувајте за нив, обидете се и самите да напишете некое умно слово. Тоа ќе ви помогне побрзо и полесно да растете и да го разберете понекогаш чудниот свет на возрасните.
1.
Не постои сонце што не грее,
ни среќно срце што не пее…
Не постои, не постои – не!
Вистината е знаме на сѐ.
2.
Животот е од зборови тесто.
Го месиме на секое место.
Тоа така со векови трае,
колку е успешно времето знае.
3.
Животот има огледала свои,
– во различни бои.
Кога во нив се огледуваме,
спомените ги оживуваме.
4.
Тој е рамнодушен,
не се грижи за ништо.
Однесувањето му е
секогаш исто.
5.
Постојано нешто бара,
– навика стара.
Стојан Тарапуза