Успешно реализиран уште еден проект на „Колибри“, кој разбуди интерес кај голем број млади креативци
Драги основци, зад нас е уште еден успешно реализиран конкурс на „Колибри“ – „Раскажете ни ги летните доживувања со збор и цртеж“, на кој вие масовно учествувавте, испраќајќи ни ги вашите литературни творби, состави и песни, како и убавите цртежи.
На нашата електронската адреса пристигнаа над 70 творби на нашите млади таленти, сесрдно поддржани од нивните наставници ментори од цела Македонија. Ви благодариме на трудот и на желбата да покажете што сѐ знаете и умеете да ни кажете со збор и цртеж за тоа што сѐ сте виделе и посетиле изминатите три месеци.
Одушевени сме од вашата фантазија, од ведрината со која гледате на летото и на деновите од распустот, како и од вашата желба уште отсега, на почетокот на новата учебна година, да бидете уште подобри и поуспешни на училиште.
За наградените, прво, второ и трето место во двете категории, обезбедени се книги од издавачката куќа „Македоника литера“, нашите големи пријатели и поддржувачи, а за сите има и пофалници за учеството од нашата редакција. За наставниците ментори обезбедивме благодарници. Бидејќи добивме многу убави литературни и ликовни творби, освен поединечни, и од цели одделенија, имаме и две дополнителни пофалници за масовно учество.
Сите многу скоро ќе ви ги испратиме по пошта.
А сега, бидејќи сигурно сте нестрпливи да чуете кои се победниците, еве ги нивните имиња:
НАГРАДЕНИ УЧЕНИЦИ ЗА СОСТАВИ И ЗА ПЕСНИ
Првото место на конкурсот „Раскажете ни ги летните доживувања со збор и цртеж“ на „Колибри“-„Нова Македонија“ за литературна творба го освои Јана Паноска, ученичка во петто одделение во ОУ „Рампо Левката“ од Прилеп.
Второто место го освои Лука Миновски, ученик во 8-1 одделение во ООУ „Круме Кепески“ од Скопје. Негова менторка е наставничката Татјана Пеливанова.
Третото место му припадна на Иринеј Кирилин, ученик во 3-1 одделение во ООУ „Никола Карев“ од Кочани. Негова менторка е наставничката Емилија Миладинова.
Специјална пофалница и две книги за училишната библиотека ќе испратиме до учениците од ООУ „Видое Подгорец“ од с. Колешино и за нивните менторки, наставничките Атина Манчева и Марија Брндевска, за групно учество на конкурсот „Раскажете ни ги летните доживувања со збор и цртеж“ на „Колибри“-„Нова Македонија“.
НАГРАДЕНИ УЧЕНИЦИ ЗА ЦРТЕЖ
Првото место на конкурсот „Раскажете ни ги летните доживувања со збор и цртеж“ на „Колибри“-„Нова Македонија“ за ликовна творба ѝ припадна на Алексија Серафимова, ученичка во второ-2 одделение во ООУ „Никола Карев“ од Кочани. Нејзина менторка е наставничката Христина Јорданова.
Второто место за својата ликовна творба го освои Нина Цветаноска, ученичка во деветто одделение во ООУ „Коста Рацин“ од с. Брвеница, општина Брвеница. Нејзина менторка е наставничката Лина Тренкоска.
Третото место е за Хурем Шерифоска, ученичка во четврто-4 одделение во ООУ „Мурат Лабуништи“ од с. Лабуништа. Нејзина менторка е наставничката Сузана Ќелешоска.
Доделивме и пофалница за групно учество и голем ангажман на конкурсот „Раскажете ни ги летните доживувања со збор и цртеж“, на додатокот за деца „Колибри“-„Нова Македонија“, за ликовниот педагог м-р Лина Тренкоска и за учениците од ОУ „Коста Рацин“ од с. Брвеница и ОУ „7 Март“ од с. Челопек во општината Брвеница.
Во продолжение можете да ги прочитате наградените творби и да ги погледнете цртежите инспирирани од тукушто завршениот летен распуст.
Секогаш на ваша страна, вашето „Колибри“
Прво место за литературна творба
Летните авантури на Јана
Летото за мене е како шарена приказна. Тоа е време кога сонцето свети посилно, деновите се долги, а срцето е полно со радост и љубопитност. Ова лето беше особено волшебно, затоа што доживеав моменти што ќе ги паметам засекогаш – моменти со семејството, со братучедите и со моите најдобри пријатели.
Првите денови ги поминав со мама и тато на море. Уште кога стигнавме, ме пречекаа мирисот на морето и звукот на брановите што нежно се удираа во брегот. Плажата беше широка и златна, а песокот ме галеше по нозете додека трчав кон морето. Секој ден пливавме заедно, собиравме школки, а потоа правевме замоци од песок што блескаа под сонцето. Тато се натпреваруваше со мене кој ќе направи повисока кула, а мама со насмеано лице нѐ фотографираше за да ги зачува тие мигови. Вечерите беа посебна магија – светлата од кејот, мирисот на печена пченка и вкусот на ладен сладолед ми останаа како најсладок спомен.
По морето, патот ме однесе во Асамати, кај баба и дедо. Таму ме чекаа моите братучеди и веселиот камп полн со живот. Секое утро воздухот мирисаше на свежо овошје и цветови, а сонцето нежно ги осветлуваше гранките и дрвјата. Заедно со братучедите трчавме боси по тревата, игравме криенка меѓу дрвјата. Баба секогаш нѐ дочекуваше со топла пита, а дедо седеше под сенка и ни раскажуваше приказни од неговата младост. Асамати – тоа беше место каде што се чувствував безгрижно, среќно и опкружена со љубов. Асамати е вистинска мала планета на радост, каде што времето застанува и се слуша само смеа.
Најголемото доживување сепак ми беше летниот камп „Јупи“ во Грција. Таму отидов со моите другарчиња, а таму ме чекаше свет полн со нови лица, игри и авантури. Кампот беше прекрасно место со игри, активности и изненадувања. Секој ден игравме спортски натпревари – трчавме, пливавме, игравме одбојка, учествувавме во работилници и излети, а навечер имавме забави и сите заедно пеевме, танцувавме и се смеевме до доцна. Таму стекнав нови пријателства, што ги носам како најубав подарок од летото.
Кога заврши летото, во моето срце останаа многу спомени. Секое место, секоја игра, секој разговор со семејството и со пријателите ми оставија светла трага. Сфaтив дека летото не е само одмор од училиште туку и време кога се создаваат приказни што остануваат засекогаш во нас. Моите летни доживувања беа како мозаик од среќа, љубов и дружба – мозаик што ќе го чувам во мислите секогаш кога ќе ми недостига топлината на сончевите денови.
Второ место за литературна творба
Летна песна
Сонце се буди, небото е сино,
морето блеска, срцето ми е мирно.
Стапките ми тонат во песок мек,
смеење и радост – летото е лек.
Ветрот носи мирис од сол и цвет,
срцето се радува, денот е во тек.
Птиците летаат над вода светла,
се чувствува таа енергија летна.
Скокаме во бранови студени и силни,
нѐ галат морски капки милни.
Пливаме, нуркаме, играме без страв,
летото ни подарува свет полн со сјај.
На брегот градиме кули од песок,
ефект им дава песочниот блесок.
Кожата ни гори од сончеви стрели,
но срцата ни трепкаат – живи, весели.
Ноќта доаѓа нежна и мирна,
за одмор таа ни е многу битна.
Седиме долго под ѕвезден свод,
си зборуваме тивко за секој ден, за животот.
Се враќаме радосни, срца полни,
души среќни, од одморот задоволни.
Летото брзо како галеб лета,
но спомен вечен во мене ќе цвета.
Лука Миновски, 8-1 одделение ООУ „Круме Кепески“ – Скопје
Ментор: Татјана Пеливанова
Трето место за литературна творба
Морска убавина
На море отидов со мама и тато,
пливав, се смеев и си играв со бато.
Сончевите зраци ме галеа нежно,
а јас на песочната плажа уживав безгрижно.
Во синото море бродови пловеа,
рибарите морски риби ловеа.
Навечер ѕвездите блескаа силно,
а месечината го осветлуваше небото милно.
Водата плиска, прави пена,
нема ништо поубаво од оваа сцена.
Морето брановидно го гледам
и стихови за него редам.
Морската убавина ја снимав,
прекрасно доживување на море јас имав.
Иринеј Кирилин, 3-1 одделение ООУ „Никола Карев“ – Кочани
Ментор: Емилија Миладинова
Бисера Величковска е најмлад учесник на конкурсот со литературна творба
Моето најубаво лето
Јас многу убаво раскажувам, сите ми велат така. Ама јас сум уште малечка и не знам да пишувам баш сѐ. Затоа ја замолив мама да ми ги напише сите мои летни случки, за да можам да ви ги раскажам. Сега веќе сум прваче и ќе научам да пишувам барем понекој збор сама!
Ова лето ми беше најубаво на целиот свет! Малку од летото бев во градинка со моите другарчиња.
Таму си игравме, пеевме песни и цртавме со боички. По тоа, најмногу време бев дома со мојата сестричка. Таа е помала од мене и јас ѝ покажував како да си игра со кукли и како да црта срценца.
Ама најголемиот дел од летото бевме во Струга, на плажа! Таму беше толку забавно! Сонцето грееше, песокот беше топол, а водата малку топла, па малку ладна. Секој ден се капевме и градевме замоци од песок. Запознав премногу нови другарчиња! Си игравме мижаница, брканица, скокање во вода и уште многу други игри. Секоја вечер сакав да не заспијам, само да можам уште малку да се смеам со нив.
Мама ми рече дека овие моменти треба да си ги чувам во срцето, ама јас сакам и вие да ги знаете. Затоа ви го раскажав моето лето, а набргу и сама ќе научам да го напишам. Само почекајте уште малку – сега сум веќе прваче!
Бисера Величковска, 6 години
Творби на учениците од ООУ „Видое Подгорец“, с. Колешино, наградени за групно учество
Како го поминав летниот распуст
Летото оваа година беше поразлично од сите досега. Додека некои мои врсници заминаа на море или на планина, моето лето започна на едно сосема поинакво место – на нива, меѓу лубеници, под врелиот сончев зрак.
Секое утро, уште пред да изгрее сонцето високо на небото, се будев со звукот на петелот и мирисот на свежото утро. Земав залче храна од што било, ставав шешир на главата и со насмевка се упатував кон нивата, каде што ме чекаа мама и тато. Работата не беше лесна – берењето лубеници бара сила, трпение и внимателност. Некои лубеници беа големи колку топка, а некои толку зрели што ако не си нежен, ќе пукнат во рацете. Но, јас не се жалам. Се чувствував гордо што можам да им помогнам на моите родители и да бидам дел од нивната мака и труд.
Секој ден носеше нова приказна – понекогаш трчавме да се скриеме од ненадеен дожд, понекогаш се смеевме кога ќе најдеме лубеница со чудна форма. А најомилен ми беше моментот кога ќе ја засечеме првата лубеница од денот – црвена, сочна, студена – вистинско богатство среде летната горештина.
Но летото не беше само работа. Попладне, кога сонцето почнуваше да заоѓа, се собиравме со моите другари од маало и игравме фудбал на прашливото игралиште. Трчавме боси, со извалкани нозе и раскрвавени колена, но со срца полни радост. Секој гол беше како победа на светско првенство, секој пас – песна од пријателство. Иако бев уморен од нивата, топката ми даваше нова енергија, нова причина за смеа и дружење.
Така помина моето лето,без луксузни патувања, но со вистински вредни моменти. Научив колку е важен трудот, колку значи семејната поддршка и колку малите нешта, како вкус на лубеница или играњето фудбал со другарите, можат да донесат среќа.
Ова лето нема да го заборавам. Не само затоа што помогнав и се забавував туку затоа што почувствував дека растам – не само по висина туку и во срцето.
Мирче Делев, шесто одделение, ООУ „Видое Подгорец“ од Колешино
Ментор: Атина Манчева
Авантурите од мојот летен распуст
Сонцето силно наутро ме буди
летото носи радости чудни.
Со ранец мал и насмевка широка
тргнувам секојдневно кон авантура длабока.
Крај езеро бистро се капам весело,
водата ладна, сонцето вжештено.
Смеа се слуша, среќа ме буди
авантурите постојано ме чудат чудни.
Со другарките трчам низ полиња зелени,
собираме спомени и мигови вредни.
Во секој агол нова тајна се крие
распустот наш приказни плете и умесно шие.
Кога ќе падне вечерта со ѕвезден сјај
сонувам повторно за утрешниот рај.
Летото брзо како ветер помина
но авантурите што ми ги донесе
беа незапирлива лавина.
Лидија Гочева, шесто одделение ООУ „Видое Подгорец“ – Колешино
Ментор: Марија Брндевска




Цртежи од учениците од ООУ „Коста Рацин“ и ОУ „7 Март“ од с.Брвеница