Нова книга на писателката Вера Андон

„Еден Иван е мал, еден Иван е крал! Но и ти ако си дете, и ти ако си мал, во детското кралство – и ти ќе станеш крал“. Ова е воведната песничка насловена „Детско кралство“ од најновата книга на поетесата Вера Андон „Иван е мал, Иван е крал“, во издание на „Интеракција плус“.
Станува збор за креативна книга за боење и читање, која е дел од едицијата „Учење низ игра“. Книгата содржи илустрации од Славица Купенкова, како и дванаесет налепници, и нуди нејзино интерактивно користење преку читање, боење, сечење, лепење.
Вера Андон е македонска поетеса за возрасни и за деца, која е присутна на книжевната сцена повеќе од триесет години. Дебитира со книгата „Време и дождови“, потоа следува книгата „Кога сакаш птици“, а во литературата за деца влегува со мошне популарната поетска збирка „Првата љубов голема, а ние мали“, која многу години подоцна е објавена и на српски јазик. Следуваат стихозбирката „Здраво мои 13“, сликовницата „Тајната на црвената гума“, букварката „Ха Ха од Ш до А“, стихуваната бајка „Ноли и детелинката“.

Андон е застапена во меѓународната збирка песни и раскази за деца „Прегрни го животот“ (на српски јазик), во изборот песни „Нови штурци“, во антологијата за деца од македонски автори „Ајде да сонуваме“… Објавувала и сѐ уште објавува во списанијата за деца „Росица“, „Другарче“, „Развигор“, „Наш свет“ и „Колибри“. Во 2016 година заедно со печатеното издание на „Здраво мои 13“ излегува и аудиокнигата со ист наслов, која е од хуманитарен карактер и им е посветена на децата со оштетен вид.
Од творечката работилница на Вера Андон наскоро ќе излезат книгите „Писмото од Филип за Сара“ и „Ја сакам буквата Љ“.
Ова е осмо издание од едицијата „Учење низ игра“, уредничка на „Иван е мал, Иван е крал“ е Ана Петреска, а лектурата ја направи Љубица Севдинска.
Книгата „Иван е мал, Иван е крал“ може да ја најдете во книжарниците на издавачката куќа „Феникс“ и во книжарниците низ Македонија со кои соработува споменатата издавачка куќа.

Ф.Д.


Каде се кријат
ѕвездите?

 

Кога е небото синкаво
и сонцето се капе во злато,
каде се кријат ѕвездите,
каде е нивното јато?

Дали се тогаш сами
и дали тага ги мори
Месечко голем и важен
Сака ли со нив да збори?
Дали се ѕвездите среќни
некаде штом се скријат
и се плашат ли многу
што мораат в темно да спијат?

(Од книгата:
„Иван е мал, Иван е крал“)