Повеќе од два милениума најголемиот и најразвиен дел на човештвото ја следи христијанската етика. Најзначаен миг на христијанската религија е Велигден, кога настрадал Исус Христос, потврдувајќи ја својата љубов низ страдањето.
Христос зборувал за љубовта и ја ширел меѓу луѓето, а паднал како жртва на човековото безумие. Тој е образец за она етичко дејствување на доброто на човекот, кое се потврдува со страдања. Слично било кај многу велики луѓе, но кај Исус пастирската улога на водач на луѓето кон доброто најмногу е заменета со позиција на благо и страдалничко јагне.
Целта на појавата на Исус Христос е човекот како страдалнички вид да се избави од животната безизлезност. Затоа тој бил мачен, осуден, распнат и умрел на крстот. Таа жртва покажува дека човекот треба да се воздигне над обичното постоење и да се насочи кон височините што ги насетува, но за кои нема свест, ни храброст, ни знаење, ни волја, ни амбиција да ги достигнува. Човекот треба да изгради вистинска свест за квалитетот на живеењето воопшто и на своето живеење посебно.
За христијаните Христовата жртва е клучен религиозен факт. Таа жртва е едно од највисоките етички дела во човековата историја. Со тоа е докажана силата на човековото тело и свест да издржат во правилна насоченост, дури и ако им се закануваат и крајни опасности.
Настојувањата кон Доброто е свето човеково дело, негирањето и избегнувањето на Злото е негова човечка задача. Дури и Божјиот син може да страда од човековата омраза, завист и злодејство. Човештвото има уништувачка сила и лесно прави зло. Тој го осуди и распна како злосторник најдобриот меѓу луѓето, оној што со своите дела и пораки зборувал за трпеливоста и љубовта.
Тоа е показ на што сѐ е способен човекот како неблагодарно суштество на примитивни инстинкти и со неумно животно сознание. Меѓутоа, животот и мислата на Христос се показ за тоа што сѐ може да се стори кога човек е слободен во добромислата, кога го одбира Доброто и кога дејствува како вистински универзален човек. Кој ги покажува доблестите, а не своите негативни страни.
Затоа христијанството е силна етичка творба. Неговата основа се Христовата љубов и жртва.
Љубовта на Исус Христос е љубов за луѓето. Тој зборувал за неа, ја ширел, а паднал како жртва на нивното безумие.
Пораката, молбата и барањето на Христос се и суштината на христијанството и на целото човеково опстојување на Земјата. „Љубете го ближниот свој како самиот себе!“ Секогаш треба да се повторува, истакнува и следи овој морален принцип.
Етичка мисла
Кој врви по мене, нема
да оди во темнина.
Зборови на Исус Христос од Евангелието по Јован