Киро Донев меѓу своите млади читатели

За да пишуваш за деца, треба да се чувствуваш младо. А како нема да биде така ако си роден на Денот на пролетта, 21 март. Во петокот својот 83-ти роденден го прослави нашиот познат автор Киро Донев, кој е роден точно на тој датум.
Тој е неуморен писател за деца и млади и досега издал шеесетина дела, со кои израснаа многу генерации. И сега, во златната трета доба, издава по една книга годишно, а за тоа се грижи неговата издавачка куќа „Македоника литера“. Пишува лесно, ведро, со убави рими, а хуморот често предизвикува насмевки кај младите читатели. Токму затоа очекуваме некои од неговите романи за деца и да се екранизираат.
По повод роденденот на почитуваниот Киро Донев му поставивме неколку прашања, на кои тој ни даде искрени и ведри одговори.

Дали вие ја барате инспирацијата или таа ве наоѓа вас?
– Велат дека кај писателите по 60-та година, а јас стигнав до бројот 83, годините личат на фломастери, кои можат да се исушат, па им се става малку водичка да проработат. И јас сум еден од нив и наоѓам начин како да ја раздвижам имагинацијата, па одам во некое училиште, се дружам со децата и веднаш добивам инспирација. Инаку, откако сум во пензија пишувам повеќе, на татковината ѝ се оддолжувам со една книга годишно.
Тешко ли е да се пишува за деца?
– Повеќемина мислат дека е лесно да се пишува за деца, а јас ќе кажам и за деца и за возрасни да се пишува е тешко, со тоа што за деца е малку потешко.
Што најчесто ве прашуваат учениците на вашите средби со нив?
– Најчесто прашуваат како ги пишувам книгите. Им велам дека уште пишувам на бел лист и сѐ што ќе ми текне. А тие зачудено прашуваат: Па, како сѐ? Одговарам: Затоа што многу е битно тоа што ќе ми текне. Исто така често ме прашуваат колку книги досега сум прочитал, па одговарам: Јас не сум читател, туку писател!
Дали сѐ уште секој вторник го читате „Колибри“?
– „Нова Македонија“ купувам редовно и драго ми е што весникот секојдневно се надградува. Инаку, редовно го читам „Колибри“ уште од дете. Првите мои песни се објавени во овој додаток за деца, уште кога бев средношколец. Поточно првата песна, поемата за Мачорот Тошо ми ја објави првата уредничка, поетесата Евгенија Шуплинова. Песната многу му се допадна на Видое Подгорец и така влегов во светот на литературата. Инаку, сите броеви на „Колибри“, од првиот, па до денес, ги чувам во моето креативно катче во куќата во родното Моноспитово, каде што живеам. Сум задолжил пријатели, ако не стигнам да купам некој број, да ми го чуваат „Колибри“ до недела.
Каква е вашата порака до младите читатели, зошто треба да читаат книги?
– За да живеат подолго и подобро, да имаат весело детство и бујна фантазија, да живеат во минатото, во сегашноста, ама и во иднината…

М.Т.


Мајка и дете

Во моето семејство,
ваков си е редот:
татко ми е дете –
на баба и дедо.

Но, исто и јас,
заедно со бате –
и ние сме деца –
на мама и тате!

Од памтивек до денес –
тоа така бива:
за мајката сме деца –
сѐ дури е жива!

Само прашувам

Кога би имале очи облаците –
што сѐ ќе можат да видат?
Кога би имал слонот очила –
колкави треба да бидат?
Кога би немал дедо ми бастун –
дали ќе може да оди?
Кога би немало небо
над Земјата-
Месечко каде ќе броди?
Кога би немало вода на Земјата –
луѓето што ли ќе пијат?
Кога темнината не би се спуштала –
децата кога ќе спијат?
Кога би немало сонце на небото –
топло кој ќе нѐ грее?
Кога би немало мајки на светот-
срцето за кого ќе пее?
Јас само прашувам
Но кажете ми вие:
Одговорот на ова прашање –
каде ли се крие?!

(Од книгата „Било и се скрило“)