Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје
Во рамките на 12. издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, словенечката писателка Мајда Корен во четвртокот ја посети градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, каде што со дечињата од прво-a одделение од ООУ „Коле Неделковски“ од општината Центар одржа интерактивна креативна работилница.
Таа беше насловена „Зготви ми приказна“, како што се вика и нејзината сликовница за деца. За полесна комуникација, со писателката дојде и преведувачката Драгана Евтимова.
– Првачињата слушаа приказна за зајачето што сакало да јаде приказни, научија понекој словенечки збор и одлично се забавуваа.
Благодарност до нивните наставнички Ана и Љупка што несебично им ги пренесуваат љубовта кон книгата и навиката за одење во библиотека од најмала возраст. Другарчиња, ве држиме за збор дека заедно ќе учиме да читаме – напишаа на фејсбук-профилот на библиотеката.
Инаку, Мајда Корен пишува за деца и за адолесценти. Таа смета дека многу е важно младите да читаат.
– Книгите за деца не се само неколку реченици и слики, важно е што има помеѓу линиите. Децата треба да размислуваат што читаат, не само да читаат – порачува Корен.