Во „Колибри“, во десет продолженија, ќе можете да ја прочитате серијата раскази насловени „Од детството на Блаже Конески“ на писателот и публицист Мишо Китаноски, која пред да биде објавена во книга први ќе ја објавиме на нашите страници. Во годината кога прославуваме 100 години од раѓањето на овој великан на македонската култура, творец и кодификатор на македонскиот литературен јазик, ќе можете да се запознаете со детските години и растењето на Конески
ЕКСКЛУЗИВНО ВО „КОЛИБРИ“: СЕРИЈА РАСКАЗИ „ОД ДЕТСТВОТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ НА ПИСАТЕЛОТ МИШО КИТАНОСКИ (4)
Во селото Небрегово, во учебната 1927/28 година немало доволен број деца (намалку 15) за да почне училиштето со работа со прво одделение. Според тогашните строги закони, ако немало толку деца на број, не можело да работи училиштето… За да не се случи тоа, а во селото да нема училиште, луѓето почнале да размислуваат како да ја надминат таквата положба. Најпосле – смислиле…
Побарале помош од Јордан, таткото на Блаже, а тој за да ги утеши, им рекол дека ќе смисли нешто. И смислил, на чело со него и уште неколкумина селани се упатиле во Општината, каде што побарале да им се отвори училиште за да учат децата во Небрегово. А во Општината кога ги прашале дали имаат 15 деца за прво одделение, Јордан потврдил:
– Да, имаме толку деца… Имаме!
Иако синот Блаже тогаш имал само шест години, таткото Јордан решил и не згрешил, за него да кажува дека има седум години. Со Блаже се исполнувал бројот од 15 првоодделенци, а тоа значело постоење на училиштето во Небрегово. Но грижата за тоа што тој го ветил – го обзела Јордан и тој почнал да смислува како да се заврши тоа. Што да се направи за да бидат задоволни сите? На неколкумина луѓе од селото што имале деца со седум години им рекол:
– Кога на почетокот од септември учителката ќе дојде во нашето село да ги запишува децата во прво одделение, вие со децата ќе застанете зад мене. Јас ќе го донесам Блаже да го запишам во прво одделение, со убедување дека мојот син има седум години. Добро запаметете, ако учителката ве праша колку години има Блаже, вие ќе кажувате дека има седум години и… дека треба со другите деца да почне да оди на училиште.
Речено – сторено. Учителката на почетокот од месец септември дошла во селото, а потоа почнала да ги прима децата во училницата придружувани од еден родител и почнала да ги запишува во дневникот во прво одделение…
Меѓу дојдените што застанале во ред за да влезат во училницата биле таткото Јордан и синот Блаже. Кога двајцата влегле во училницата и застанале пред учителката, таа викнала:
– Зарем ова дете, вака малечко, има седум години?
Таткото Јордан не се изненадил од зборовите на учителката, туку напротив, смирено ѝ рекол:
– Госпоѓице учителке, мојот син Блаже има седум години затоа дојдовме да го запишете во прво одделение.
Учителката неколкупати ја занишала главата, а потоа повторила:
– Ова толку мало дете по раст има седум години… Невозможно… Невозможно…
А Јордан ѝ вратил:
– Госпоѓице учителке, прашајте го мојот син колку години има… тој ќе ви го каже истото… што јас ви го кажувам…
Тогаш учителката станала од столот, му се доближила на Блаже и му рекла:
– Колку години имаш малечок…?
Блаже ниту се исплашил од прашањето, ниту пак, се збунил, туку со тивок глас ѝ вратил:
– Учителке, јас имам седум години и дојдов да се запишам во прво одделение… Сакам да учам.
Кога ги слушнала таа овие зборови, го прашала таткото Јордан:
– Каде ви е крштелницата од црквата?
Јордан на ова додал:
– Ние немаме поп во селото, тој доаѓа повремено и по потреба. Но јас ве убедувам дека мојот син Блаже има седум години. Ако не ми верувате мене, прашајте ги луѓето во Небрегово. Истото ова ќе ви го кажат.
Учителката кога го слушнала овој потврден одговор, вртејќи со главата во знак на недоверба, на првиот човек што чекал да го запише своето дете, му рекла:
– Колку години има ова мало дете, синот на Јордан?
Човекот држејќи го своето дете за рака, на прашањето од учителката смирено ѝ одговорил:
– Блаже, синот на Јордан, заедно е роден со син ми и има седум години. Треба и тој да почне да учи во прво одделение во нашето училиште.
Го рече тоа човекот, а учителката пак заврте со главата и истото прашање му го постави на следниот родител, кој беше дојден со својата ќерка, исто така да ја запише во прво одделение. Тој го повтори истиот одговор што веќе претходно го слушна.
– Блаже на Јордана, сите знаеме дека има седум години и се роди истата година како и мојата ќерка. Време му е да тргне на училиште.
Кога и по втор пат учителката го слушна истиот одговор дека Блаже има седум години иако изгледа многу мал, не посака веќе да прашува, туку и него го запиша во дневникот да учи во прво одделение. Јордан за тоа ѝ се заблагодари на учителката, а синот си го погали по косата, а потоа го прегрна, велејќи:
– Гопоѓице учителке, син ми навистина е мал по раст, но се надевам дека нема да нѐ посрамоти со учењето ни мене ни вас… Ќе видите…!
И навистина, на крајот од учебната година, Блаже беше најдобар во прво одделение во Небрегово…
За авторот
Мишо Китаноски е роден во Вевчани. Бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на весници, ревии и списанија. Ги објавил книгите: „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни), „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии), како и публицистичките изданија. „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници. Последно негово објавено дело е збирката раскази „Прстен и парфем“.
Негови прилози се застапени во буквари, читанки, прирачници и антологии, а неговите дела се преведувани на англиски, руски, бугарски, романски, албански, словенечки, српски и на други јазици.
Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови. Живее и пишува на релацијата Скопје – Вевчани и обратно.