Од творештвото на писателот Горјан Петревски
Во неделата му беше роденден на познатиот македонски писател за млади Горјан Петревски, кој е чест гостин на нашите страници, но и низ училиштата во Македонија. Со желби за уште многу издадени книги за своите драги читатели, кои се надеваме повторно ќе бидат меѓу најчитаните, објавуваме два негови раскази од книгата „Рано дојде љубовта“: „Игра со бостанот“ и „Кој ќе го чува училиштето“
Марија, Мартин и Бојан дојдоа на гости во селото.
– Каде е дедо Грујо? – прашаа.
– На бостан – им рекоа.
Правец: бостанот во полето.
Кога се видоа со дедото, се испрегрнаа, се развеселија. А тој веднаш:
– Одберете си ги најубавите лубеници!
Децата почнаа да трчаат низ бостанот.
– Јас ја сакам оваа, шарената! – рече Марија.
– Моја ќе биде онаа, со темна кора! – извика Мартин.
– Јас ќе ја изберам зелената! – се затрча Бојан.
Дедо Грујо им ги расече лубениците на две половини.
– Јадете, мили мои! – им рече. – А потоа, од корите ќе ви направам маски.
Тројцата беа пресреќни кога на лицето имаа маски од лубеница: Марија – шарена, Мартин темна и Бојан – зелена. Трчаа околу бостанот, играа, се гонеа.
Кога се изнаиграа, ги извадија маските, се погледнаа меѓу себе и почнаа да се смеат.
– Еј, само да се погледнете како изгледате! Леле, како прасиња! Толку сте извалкани! – им се смееше Марија.
– А ти? Ти си поизвалкана од нас! – рече Мартин.
– Само да се видиш во огледало! – и се смееше Бојан.
– Добри сте тројцата! – се насмеа дедо Грујо. – Дома нема да ве препознаат. А и мене нема да ми ја отворат вратата кога ви измислувам вакви игри!
Тројцата потрчаа кон изворчето да се измијат.
За авторот
Горјан Петревски е роден на 14 јули 1951 година во селото Мренога, Демир Хисар. Основно училиште завршил во родното место, а средно образование стекнал во прилепската гимназија. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје, во групата на јужнословенска книжевност. Десетина години работел како новинар на Македонската телевизија на програмата за деца, а во 1986 година преминал на работа во НИП „Нова Македонија“, каде што работел во забавникот за млади „Наш свет“, а исто така бил и одговорен уредник на списанието „Развигор“, како и одговорен уредник на издавачката дејност во издавачката куќа „Детска радост“.
Петревски напишал голем број дела, меѓу кои се: „Гороцвет“ (1973, раскази), „Земјата од сонот“ (1980, раскази), „Споменка“ (1982, две изданија, откуп на конкурсот на „Детска радост“ за најдобар роман), „Татковите солзи“ (втора награда на конкурсот на „Детска радост“ за најдобра книга со раскази распишан во 1984 г.), „Тажниот свирач“ (раскази, паралелен превод на хрватски и македонски јазик, објавена во Сараево во 1986 г), „Марта“ (1989, најтиражен роман, преобјавуван во осум изданија и влезен во лектирата за седмо одделение), „Задоцнети писма од Споменка“ (1990, лирски записи што по барање на читателите излегувала долго време како продолженија во „Наш свет“), „Снеговите на Климентина Евин“ (1991, три изданија, роман адаптиран и како радиодрама за деца и млади, лектира во основното образование), „Далечна љубов“ (1992, роман со две изданија), „Исти очи“ (1993, четири изданија, роман што по својата популарност самиот по себе се наметнува како лектира во осмите одделенија), „Татковата прва љубов“ (1997, поетско-прозни записи), „Пролетни дождови“ (сказни работени според народни мотиви инспирирани од приказните за животни на Марко Цепенков, за која во 1998 г. ја добил престижната награда „Ванчо Николески“), „Вечниот ветар“ (2000, две изданија, љубовна приказна за млади, роман што според анкетата на емисијата „Ѕвон“ при Македонската радио-телевизија е прогласен за најпродавана книга за млади во 2001 година и чие прво издание се распродава за четири месеци), „Рано дојде љубовта“ (проза, за која ја добива наградата „Свети Климент“ за најбарана книга во 2002 година, која ја доделува НУБ „Свети Климент Охридски“), „Сама“ (2003, роман), „Духот на Михаела Косар“ (2016, роман), „Другата Марта“ (2017, роман), „Името ми е Вивиен Ли“ (2020, роман).