Во новонастанатите улови со коронавирусот, кои значително го изменија начинот на учење и проверка на знаењето, меѓусебната соработка на родителите и училиштето даде плод и овозможи ООУ „Гоце Делчев“ во Кавадарци прво во градот и регионот да започне да работи според едукативната алатка „Гугл-училница“ (Google classroom).
– На мое огромно задоволство, од 29 април веб-платформата „Гугл-училница“ почна успешно да функционира. Особено ме радува тоа што веднаш е прифатена од учениците и од наставниците, кои ги согледаа бенефициите од користењето. Во овој потфат многу ни помогна Цветанка Митрева, родителка на еден од нашите ученици, која својата стручност и професионалност ги насочи токму на оваа платформа. Таа нуди големи можности и од голема важност е што ние како училиште ќе можеме да ја користиме и во нормални услови во делот на наставата, како и училиштата во најсовремените образовни системи во Европа – вели директорката на ОУ„Гоце Делчев“, Весна Ангеловска.
Процесот за користење на оваа платформа во училиштето почна на 26 март. Иако постапката за легализација трае две недели, поради огромниот прилив на барања, училиштето чекаше речиси еден месец за да го добие одобрението за користење на алатката.
– Информацијата за можноста ова решение бесплатно да се имплементира во образовна институција, како и фактот дека тоа е најсоодветно за продолжување на наставата, ја споделив со директорката, од чија страна добив целосна поддршка за почнување со аплицирање, регистрација и легализација на проектот G Suite Education за ОУ„Гоце Делчев“. Со наставниците се одржаа обуки и подготвени се упатства за работа и за наставниците и за учениците.
Во средувањето на административниот дел, особено во поставувањето на профилите на четириесетина наставници и 600 ученици во училиштето и соодветно доделување припадност на секој ученик и наставник, како и дефинирањето на соодветните права и привилегии за непречено да функционира ова решение, изразувам голема благодарност до мојот тим од ИТ-секторот од компанијата каде што работам како ИТ-менаџерка (ВВ „Тиквеш“ АД Кавадарци). Без нивната помош, ќе беше невозможно оваа задача да се реализира за толку кратко време – ни рече Цветанка Митрева. Ми.М.