По распишаниот меѓународен ликовен конкурс „Битола 2021“, во почетокот на септември минатата година, кој траеше до 20 февруари годинава, стручното жири на „Малиот битолски Монмартр 2021“ ги одреди наградените во повеќе категории.
На конкурсот учествуваа 453 училишта, со 13.737 цртежи, од 33 земји од Европа и светот, а стручното жири од вкупниот број пристигнати творби на 39-та меѓународна изложба на детски ликовни творби „Битола 2021“ избра 752 творби.
Почесната награда „Коста Хаџи Антоновски“ за долгогодишно учество, соработка и придонес ја доби Теодолинда Паскоал од „Теоартис“, од градот Евора, Португалија, со кој студиото има долгогодишна успешна соработка.
Добитник на „гран при 2021“ е „Училиште 1955“ од Москва, Русија.
Наградата „Проф. д-р Богомил Карлаарис“ за животно дело му припадна на Славко Жупан од Љубљана, Словенија.
Јубилејна специјална награда за училиште годинава ќе ја добие унгарскиот културен центар „Неркер“ од Суботица, Србија.
Јубилејна специјална награда за ученик ја добива Гордеј Мурашко од Москва, Русија.
Наградата за учество на „Малиот битолски Монмартр 2021“ ја добиваат 17 екипи, двајца ученици и еден ликовен педагог, од Кина, Русија, Турција, Израел, Србија, Украина, Малезија, Романија, Полска, Бугарија, Русија, Унгарија…
Наградата за најдобра колекција „златна четка“ им е доделена на 18 колекции испратени на конкурсот.
Награда за најдобри поединци „златна палета“ ќе добијат 105 најдобри поединечни остварувања на светската изложба „Битола 2021“.
Признанија за поединечни остварувања, диплома, ќе им припаднат на 202 поединечни остварувања на конкурсот „Битола 2021“ за светската изложба.