Фото: Приватна архива

Иван Антоновски ја претстави својата втора книга за деца

На детските прашања понекогаш родителите не можат или не знаат да одговорат, но што тогаш? Некои важни одговори може да им даде книгата „Градина полна латици“, втор наслов на писателот Иван Антоновски, посветен на најмладите читатели. Издавач е „Светулка“, а илустрациите се на Иванка Ниба, од кои повеќето беа изложени и на промоцијата како слики.
Промоцијата на ова дело се случи во саботата напладне, во кафулето „Цреша“ во Скопје.
„Некогаш, емоциите може само да се почувствуваат, а не и да се пренесат/прераскажат во текст, така беше и вчера… Ви благодарам на сите, многубројни – знајни и незнајни што дојдовте на промоцијата на ’Градина полна латици’. Но, најважното за секоја книга следува по промоцијата – дали и колку ќе биде прочитана… Од децата, од родителите, од оние што го носат детето во себеси. Посакувам оваа книга да биде прочитана и од родителите и децата заедно… Прочитот можеби ќе го даде најсоодветниот одговор зошто…“, напиша на социјалните мрежи авторот Иван Антоновски.
Промоторка беше Биљана Црвенковска, а девојчето Темјана читаше извадоци од книгата.
– Ја знаете ли легендата за цвеќињата што никогаш не венееле, но морале да почнат да венеат за во светот да има место и за нови, настанати од нивното семе? Легендата што дава одговор на многу детски филозофски и големи прашања: животниот циклус, смената на генерација, смислата на животот, минливоста на физичкиот живот и потребата од пренесување искуства од повозрасните на помладите генерации, меѓугенерациската почит и многу други.
За ваква легенда зборува мајката на Илина одговарајќи на многу нејзини прашања инспирирани од есенската атмосфера – со овие зборови го почна своето обраќање Црвенковска.
Таа нагласи дека, за среќа, по креативниот застој, се разбуди продукцијата во македонската литература за деца, па во последно време се појавија книги што се во рангот на она што се нуди во оваа област и на светската сцена. Една од тие книги е и „Градина полна латици“ на Антоновски.
Тој откри дека првите верзии на двете негови дела за најмладите читатели се направени уште пред десетина години, но не брзал да ги објави.
– Еден ден забележав колку внимателно мојата ќеркичка Илина го чува своето прво засадено цвеќе, како ружата на малиот принц, и тоа ми беше знак дека треба да ја објавам оваа книга. Подготвувам уште две нови, поврзани со летото и со пролетта. А на прашањето зошто досега се избегнувале овие малку посериозни теми во македонската литература за деца, можеби е така затоа што и ние возрасните понекогаш не знаеме како да им одговориме на сите прашања што ги поставуваат децата. Тие често се похрабри од нас, а ние на најдобар начин треба да им објасниме за сѐ што ќе се најде во нивниот видокруг – рече тој.
За илустраторката Иванка Ниба, која досега украсила многу детски сликовници и книги, токму „Градина полна латици“, бидејќи е напишана за поголеми деца, била мотив да создаде поинакви илустрации од сѐ што направила досега.

– Оваа тема ме натера да ѝ пријдам посериозно, да ги искористам сите елементи што ќе поттикнат размисла кај младите луѓе, кај децата – вели Ниба.
Таа за успешноста на еден проект ја истакна важноста на соработката меѓу авторот и илустраторот, која во случајов била одлична.
Во својот осврт за книгата, писателот Венко Андоновски посочи дека параболата за „исчезнувањето“ на едни и доаѓањето на други цвеќиња, приказната за сменувањето на генерациите е дадена толку дискретно, што во еден миг помислуваме: навистина, колку семки чекаат да изртат, а не можат, само затоа што посакуваната вечност на претходните не им дозволува раѓање на оние што доаѓаат.
Илустраторката Александра Хаџи-Наумова Атанасовска за дизајнерските решенија на Иванка Ниба вели дека, од ликовна гледна точка, оваа визуелна синтеза ја надминува класичната дефиниција на илустрација за деца.
– Делото успешно ја спојува едноставноста што им е блиска на децата со естетскиот израз што го препознаваат возрасните, создавајќи искуство што е еднакво привлечно, образовно и инспиративно – потенцира таа.
Делото успешно ја спојува едноставноста што им е блиска на децата со естетскиот израз што го препознаваат возрасните, создавајќи искуство што е еднакво привлечно, образовно и инспиративно.
Останува да видиме како децата ќе го прифатат ова дело, до чија суштина, сепак, треба да стигнат со помош на родителите и наставниците. М.Т.