Младите фудбалери на ФК Маџари солидарност - трети на турнир во Бугарија

На неодамнешниот турнир „Вихрен куп“, кој се одржа во Сандански, Бугарија, јуниорите на ФК Маџари го освоија третото место во својата група, деца родени во
2015 година, а пехарот што го добија сега ги краси витрините на матичниот клуб во Скопје

Средба со Филип Стојчевски, тренер на подмладокот на ФК Маџари солидарност од Скопје

Филип Стојчевски (28) е млад амбициозен тренер, кој е дел од екипата на ФК Маџари солидарност како фудбалер, а веќе три години е и тренер на 33 деца од 8 до 12 години, поделени во три групи, кои се членови на подмладокот на овој скопски фудбалски клуб.
Тој вели дека ужива да работи со младите таленти, кои за овие неколку години многу напреднале, па може да се случи пријатно да нѐ изненадат во наредниот период и на меѓународен план.
Всушност, повод за нашиот разговор е нивниот прв поголем успех во регионот. Имено, неодамна на турнирот насловен „Вихрен куп“, кој се одржа во Сандански, Бугарија, тие го освоија третото место во својата група, а пехарот што го добија сега ги краси витрините на матичниот клуб во Скопје.
– За Михаил, Андреј, Давид, Филип, Даријан, Даниел, Цезар, Петар, Младен… настапот на овој меѓународен куп во соседна Бугарија беше огнено крштевање. Одигравме три натпревари, од кои еден загубивме, два победивме, и игравме полуфинале со домаќинот ФК Вихрен. За жал, загубивме и завршивме на третото место, со резултат 3-2, но дома се вративме со пехар за освоено трето место во нашата група, деца родени во 2015 година. Инаку, овој куп има долга традиција, трае два месеца и опфаќа околу 5.000 деца од целиот регион. Годинава организацијата и самиот тек на натпреварите беа во најдобар ред. Сепак, она што нашите деца ќе го запаметат засекогаш се вкусот на победата и големата радост што ја почувствуваа дека извојувале нешто сите заедно како екипа – вели Филип Стојчевски.

До целта со визија

Во Бугарија со јуниорите на ФК Маџари беше и Кристијан Анчевски, одговорен за младинската школа на клубот.
– Славевме сите заедно, а овој успех е само уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат и дека остварувањето на поставените цели е полесно доколку имате визија и секогаш сте еден чекор понапред. Инаку, јас пред натпревар ги мотивирам децата, но не им вршам притисок дека мора да победиме. Кај мене има едно правило – да дадеш максимум од себе. Им велам: „Играјте како да трчате по топката во маало, пред зграда, во училишниот двор. Не плашете се, но дајте 200 отсто, помагајте си“. По три години заеднички тренинзи, со овие таленти градиме тимски дух. Ги советувам на натпревар да се мотивираат меѓу себе, да не се расправаат. Зашто јас, а и моите колеги од клубот, ги учиме во школата не само како да играат фудбал туку и какви луѓе да бидат. Затоа е важно уште од најрана возраст да научат и што е другарство и ферплеј. Целта ни е да станат добри спортисти, но и добри луѓе! Најважна е упорноста! А наградите и гостувањата се доказ дека сме на вистинскиот пат. Се надеваме дека со работа и труд, чекор по чекор, ќе создадеме успешна генерација – ни рече Стојчевски.
Филип со своите три групи јуниори бил на турнири и подготовки во Србија, Бугарија, Грција, а родените во 2012 година ќе одат во Шпанија летово. Оние другите ќе одат во април за Златибор, Србија, а потоа и во Германија, бидејќи, според Филип, само ако се споредиш со други, ќе знаеш до каде си.
Интересно е дека и самиот тој како дете членувал во ФК Маџари и редовно одел на тренинзите.
– До четврто одделение со семејството живеевме во с. Миладиновци, па јас со другарите одев во ФК Маџари солидарност да тренирам фудбал. Но се преселивме во Карпош и продолжив во ФК Форца. Сепак, повторно сум тука, и со голема желба и ентузијазам еве веќе три години ги тренирам овие упорни и вредни деца, кои исто така чувствуваат голема љубов кон фудбалот и на секој тренинг се трудат да научат нешто ново. Често знам и јас да заиграм со нив на теренот, на што тие многу се радуваат, а забележав дека и така полесно учат нови техники – открива Филип.

Тој дополни дека децата се поделени во три групи, едната е со децата со кои беше во Бугарија, родени во 2015 година, а другите две се со деца родени во 2014 година.
– Се тренира трипати неделно, а тренингот трае еден час, понекогаш и подолго. Инаку, младите таленти се од населбите Маџари, Ченто, Хиподром, а тајните на фудбалот ги откриваат на стадионот „Борис Трајковски“, каде што ги имаат сите неопходни услови. Има и еден помошен стадион во близина што се користи понекогаш. Можеби нема да верувате, но младите фудбалери трчаат по топката и кога врне, и тоа не им пречи, напротив – нагласи тој.

Фудбалот е повеќе од игра

Можеби токму поради тој ентузијазам и позитивната енергија што му ја подаруваат младите фудбалери, Стојчевски има желба постојано да се усовршува како тренер.
– Нема поубаво чувство од тоа кога ги гледам децата како работат, како напредуваат. И кога немам енергија, ми ги полнат батериите, па потоа „летам“ цел ден. Посветеноста во секоја професија, па и во оваа е клуч за успех. Токму затоа, освен што ја поседувам лиценцата Ц, планирам да ги земам и лиценците Б и А, па и онаа крајната за професионален тренер. Моја желба е во скора иднина да бидам дел од тимот на ФК Вардар – посакува Филип.
И за него, како и за многу други вљубеници во овој спорт, фудбалот е многу повеќе од игра.
– Преку фудбалот лично јас запознав прекрасни луѓе, спортувам, патувам, откривам таленти. Можеби токму меѓу подмладокот на ФК Маџари солидарност ќе го откријам македонскиот Јамал или новиот Панчев или Пандев! Иднината ќе покаже, никогаш не се знае – ни рече на крајот Филип Стојчевски.


Фудбал во Македонија официјално се игра од 1919 година

Фудбалот, или „футболот“, како што ја нарекувале оваа игра во Македонија во времето на нејзиното актуализирање, започнал да се развива во почетокот на 20 век. Во 1919 година биле основани фудбалските клубови Македонија, Напредок и Сингелиќ, а во 1920 година клубовите Вардар и Југ. Во 1922 година бил формиран ФК Беласица од Струмица, а една година подоцна и фудбалскиот клуб Тиверија од истиот град. Првиот Скопски „лоптачки“ потсојуз бил формиран во 1927 година. Десетина години подоцна бројот на фудбалски клубови пораснал на 55, а имал над 2500 члена.

(Википедија на македонски)


Седумнаесетгодишниот Јамал одиграл 100 фудбалски натпревари

Ламин Јамал (17), светски познатиот шпански тинејџер, лесно може да влезе во кругот на најдобрите светски фудбалери во историјата. Иако има само 17 години, тој неодамна го одигра стотиот натпревар на сениорско ниво во својата кариера. Од нив, 83 настапи се за Барселона, а 17 за шпанската репрезентација. Постигна 21 гол и 28 асистенции од своето деби во април 2023 година.
Јамал веќе има титула во шпанското првенство и во шпанскиот Суперкуп со Барселона, како и од Европското првенство со репрезентацијата на Шпанија. Освен тоа, тој освои низа индивидуални признанија, од кои најзначајни се оние за најдобар млад фудбалер на Евро 2024 и најдобар млад фудбалер во светот за 2024 година.