Етика за млади

И денес, како и пред илјада години, спортот е многу популарен и здрав. Секој што може, би требало активно да се занимава со некоја спортска активност, која не само што ни го подобрува здравјето туку и ни го разубавува животот. Спортот е една од најубавите работи што ја измислил и може да ја прави човекот.
Но тој има своја особена етика. Прашањата од спортската етика не се специфични само за спортот туку се важни и за етиката воопшто.
Етиката на спортот има две димензии. Првата се однесува на поттикнување на духот на спортистот за вежбање и усовршување, за натпреварување. Станува збор за зацврстување на внатрешниот морал на спортистот, што се изразува со олимпиското мото „Побрзо, подалеку, повисоко!“
Втората димензија на оваа етика е сконцентрирана на големиот проблем на моралното однесување во спортот. Во него треба правилно да се извршуваат задачите и да се биде коректен спрема условите на натпреварувањето. Спортистот треба да настапува одговорно и исправно, да го чува своето достоинство, но и достоинството на другите, да ја почитува личноста на противникот, да го признава резултатот и воздржано да ја манифестира победата.

Значи, треба да изразува почит кон спортот и играта, кон противникот, како и кон секој што чесно се занимава со спорт. Овој јавен морал на спортот е наречен ферплеј.
Овој поим е составен од англискиот збор „fair“ (фер), кој значи праведно, јасно, пристојно однесување, (може да се сретне и во изразот „не си фер“ и сл.), и од зборот „play“ (плеј), како ознака за игра, забавно дејство, настап, натпреварување. Заедно тие зборови значат чесна игра, праведна постапка, правилно натпреварување – чесно спортување.
Ферплејот е праведно и исправно толкување на спортското натпреварување. Почитување на правилата на спортската игра, на улогата и личноста на противникот – без што не може да постои спортот.
Значи, треба да се гради и истакнува личноста на спортистот и во нејзината етичка, а не само физичка страна. Ферплејот значи позитивно однесување и пред настапот, додека трае и по него, односно една висока култура и чиста етика, кои содејствуваат на вредноста на спортот во човековиот живот.

проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла

Чистата работа не се плаши од светлина.

Анте Старчевиќ, хрватски педагог