Овие работилници имаат цел да ги запознаат децата и младите со основите на различни научни дисциплини, преку практични активности и експерименти што ги поттикнуваат нивната љубопитност и љубов кон науката, велат од „Ековита“
Вие ни пишувате
Здружението на граѓани „Ековита“, во соработка со библиотеката „Страшо Пинџур“ од Неготино, периодов успешно реализира низа работилници за нашите млади научници. Овие работилници имаат цел да ги запознаат децата и младите со основите на различни научни дисциплини, преку практични активности и експерименти што ги поттикнуваат нивната љубопитност и љубов кон науката.
Досега младите научници имаа можност да учествуваат во различни работилници, вклучувајќи микробиологија, каде што научија како да подготвуваат микроскопски препарати и да работат со професионален микроскоп, истражувајќи ги живите форми и фосилизираните алги дијатомеи. Исто така, имавме работилници за истражување на зрелоста на грозјето користејќи рефрактометар, што беше особено значајно за нашата локална заедница, која е тесно поврзана со лозарството. Со телескопите на „Ековита“, младите подобро ги запознаа небеските тела во Сончевиот Систем.
Последната работилница, која се одржа на 21 август, беше посветена на истражување на биологијата на комарците. Во оваа работилница младите научници имаа можност да научат за животниот циклус и за физиологијата на комарците, како и за начините на пренос на болести преку каснување. Ова е одлична можност децата да разберат како да се справуваат со овие инсекти и да придонесат за подобра контрола на популацијата на комарци во својата околина.
Покрај практичната работа, библиотеката „Страшо Пинџур“ им нуди на младите научници богата стручна литература, со која можат дополнително да го продлабочат своето знаење и да ги истражат темите што ги изучуваат на работилниците.
Работилниците се водени од експерти во своите области и се насочени кон практична едукација, која ги подготвува младите за предизвиците на иднината. Веруваме дека преку овие активности младите ќе стекнат важни знаења и вештини, кои ќе ги мотивираат да продолжат да се интересираат за науката и екологијата.
Оваа иницијатива е дел од нашите пошироки напори да ја поддржиме едукацијата на младите и да го подигнеме нивото на свест за важноста на науката и заштитата на животната средина.
Здружението на граѓани „Ековита“ тековно работи на проект за едукација на средношколците во десет земјоделски школи за циркуларна економија, каде што практично ќе се спроведе производство на печурки и одгледување инсекти. Проектните активности се поддржани од Европската Унија.
Здружение на граѓани „Ековита“