Илина Ристеска има 11 години, потекнува од Македонија, но во моментот со своите родители живее во Германија. Токму таму ја подготвува својата прва изложба.
Ова талентирано девојче ја бара уметноста во секој сегмент од животот. Со цртање и сликање почнала да се занимава пред три години, а почетоците ѝ биле во основното училиште во Франкфурт, каде што живее со семејството веќе седум години. Има целосна поддршка од најблиските за да ги реализира своите соништа поврзани со ликовната уметност.
Најчесто сака да црта во акрил и масло на платно. Досега има создадено 56 дела со различна тематика – животни, апстракции, сѐ што ја опкружува.
Учествувала на голем број натпревари во покраината Хасен. Моментално ја подготвува својата прва самостојна изложба, а средствата што ќе бидат собрани ќе бидат донирани во зоолошката градина „Кобелт ЗОО“ во Франкфурт.
Илина, исто така, сака да црта и облакодери, а освен за цртање пројавува интерес и за архитектура, но и за спорт.
Кон крајот на месецов ќе го продолжи школувањето во кралската гимназија во Франкфурт. Ка.М.