Фото: Општина Илинден

Успешно реализиран меѓународниот фудбалски турнир за деца „Илинден куп 2024“

По вторпат во скопската општина Илинден се одржа детскиот меѓународен фудбалски турнир „Илинден куп 2024“. Три дена, на 13, 14 и 15 септември, тука се пулсираше во духот на спортот. На спортските терени во Марино и Кадино се одржаа фудбалските натпревари со учество на 160 европски, балкански и македонски клубови со околу 2.000 учесници, деца на возраст од осум до 12 години.

Фото: Општина Илинден

Покровителот, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, го отвори „Илинден куп 2024“ во петокот, на фудбалскиот терен во Марино. Тој пред голем број присутни љубители на фудбалот им посака топло добредојде на гостите, а на играчите убава спортска игра. Градоначалникот му се заблагодари и на организаторот на турнирот, фудбалската школа „Гроздановски“, за одличната организација и порача во иднина да се одржуваат што повеќе вакви спортски настани, а тоа е објавено на сајтот и на фејсбук-страницата на Општина Илинден.

Фото: Општина Илинден

Имаше навистина интересни фудбалски натпревари, но и професионални маневри со топка. Две илјади млади спортисти од 160 екипи ги тресеа мрежите како вистински фудбалери!

Во неделата се одиграа финалните натпревари на спортските терени во Марино и Кадино, по што градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, и министерот за спорт Борко Ристовски им ги доделија медалите и пехарите на најдобрите екипи.

Фото: Општина Илинден

Екипите беа поделени во шест категории, така што во категоријата деца од 2012 година, првото место го освои Кожуф, второто место Н. Колонија и третото место Форца.

Во категоријата деца од 2013 година, првото место му припадна на Партизан, второто место на Еуроспорт и третото место на Национал А.

Во категоријата деца од 2014 година, првото место е за Партизан, второто место за Будуќност и трето место за Гроздановски ЦРВ.

Во категоријата деца од 2015 година, првото место го освои екипата на Национал А, второто место Ц. звезда и третото место Форца.

Во категоријата деца од 2016 година, првото место е за Ц звезда, второто место за ЦСКА и третото место за Форца.

Во категоријата деца од 2017 година, првото место е за Тампа кидс, второто место е за Бутел и третото место за Аеродром.