(превртена приказна)
Пред да ја прочитате приказната за двата родендени, ќе ви кажам јас нешто важно, ќе ви кажам гласно, и сѐ понатаму во приказната ќе ви стане јасно!
Во ист ден, во ист месец, но во различни години биле родени бабата Тана и внуката Анастасија. Бабата пред шеесет и шест години, а пред шест нејзината внука.
Се прашувате: И што има чудно тука? Но, еве, вака било.
Раскажувачот кога ја пишувал приказната кај бројките на годините и имињата на Анастасија и баба Тана, баш таму се збунил и пишувајќи згрешил, но ти, драго дете, замени им ги само местата – и така сѐ ќе се реши!
Бабините колачиња
Во домот на Анастасија, која денеска полни шест години дојдоа гости. Две сосетки од влезот и најверната другарка од младоста, баба Васка, која, пак, живее во друга подалечна населба. Таа кажа дека се возела дури со два автобуси за да стигне навреме на роденденот.
Сите три гостинки на Анастасија ѝ донесоа подароци. Од најверната другарка од младоста, баба Васка, подарокот беше највреден. Таа беше донела плетен џемпер, кој Анастасија го проба и задоволно рече:
– Благодарам, моја мила Васка, џемперов ќе си го носам цела зима, за да ми се стоплат стариве коски… Сигурно многу си се намачила плетејќи… Благодарам! Ви благодарам на сите, а и тебе миличка моја, баба Тана, и тебе ти благодарам – ѝ рече со нежен глас на внуката и уште понежно ѝ ја погали косата…
– Ох, моето мило бабино носе! – шепна, и се сврте кон гостинките: – Ајде, сега ние да си се напиеме кафенце и чајче, да си помуабетиме за старите времиња и, се разбира, за внучињата.
Анастасија не дуваше свеќички. Таа немаше купено торта, туку, како и секоја година, самата си направи обични БАБИНИ КОЛАЧИЊА со оревчиња и мармалад. Одозгора тие беа посипани со шеќер во прав. Ммм… да знаете колку се вкусниииии…
– Mногу се вкусни и многу убаво мирисаат колачињава – рече баба Тана, која цело време весело си рипкаше околу масата.
Додека гостинките си го допиваа кафето, а Анастасија си го пиеше својот омилен чај од камилица, нејзината внукичка баба Тана веќе и во двете рачиња си држеше колачиња. Мирисливи и вкусни БАБИНИ КОЛАЧИЊА!
Тие рачиња дента беа вредни и на голем лист хартија нацртаа и обоија две срца. Тој цртеж со двете срца можеби не е најубавиот цртеж на баба Тана, но на славеничката Анастасија, ете, ѝ се допадна многу и до следниот роденден сигурно ќе ги краси ѕидовите во нивниот дом.
Балонот во облик на срце
Денеска баба Тана наполни точно шеесет и шест години. Роденденот го славеше во игротеката, која беше најголема во нивната населба. Игротеката се вика „Срничка“.
Оваа година баба Тана тргна во училиште и запозна многу нови другарчиња. Ги покани сите. А и дојдоа сите! Сите од прво-2 одделение.
Игротеката за кратко време се наполни. Многу е весело. Музиката е убава, песничките сигурно на сите им се многу омилени, зашто сите баби и дедовци пеат заедно. Дојде на ред и долгоочекуваниот момент – дување свеќички!
Свеќичките беа дувани неколкупати! И не само од славеничката – баба Тана. Дуваа и најсреќни беа сите оние што си зафатија место околу тортата.
Но, на крајот, некој од возрасните невнимателно го згазнал баш балонот на баба Тана. И тој силно пукна. Пред тоа, баба Тана се смееше, но одеднаш ѝ надојдоа солзи, многу солзи и таа почна да плаче гласно. Балонот беше со розова боја и имаше облик на срце. Лелеее…убавиот свечен балон!
– Ама, баба Тана што ти стана?! – ја прашуваа другарчињата.
– Балонот, балонот… – повторуваше бабата.
– Земи го мојот балон!
– Нееее, земи го мојот!
– Мојот! Мојот! – се слушаа гласови низ целата игротека! Солзите набрзо некаде исчезнаа, како никогаш и да не се пролеале, а балонот што беше во облик на срце веќе беше заборавен. Баба Тана се чувствуваше многу сакана од другарчињата. И беше среќна… Беше најсреќната баба вечерта, посреќна од сите баби во игротеката.
За авторката
Од творечката лабораторија на Вера Андон досега се објавени книгите „Првата љубов голема а ние мали“, која има и своја српска верзија („Прва љубав велика, а ми мали“), „Здраво мои 13“, „Тајната на црвената гума“, „Време и дождови“, „Кога сакаш птици“ (награда „Ѓурѓа“) и други. Авторката константно создава и објавува во детски списанија и, секако, подготвува нови поетски книги и сликовници за својата најдрага читателска публика – децата.