Бисерчиња од детските главчиња (4)
Мама Вики го учи четиригодишниот Калин како културно да се однесува:
– Слушај сине, треба да бидеш воспитано дете. Кога одиме некаде, или кога шетаме, ако се сретнеме со некои наши пријатели или ако… (редеше, редеше мама Вики), треба да поздравиш и да се претставиш кој си.
Еден ден Калин излезе на прошетка со татко му. Првин сретна еден сосед од зградата.
– Добар ден, јас сум Калин – избрза тој да се претстави.
Соседот отпоздрави, се насмевна и го погали по косичката.
Понатаму сретна еден другар на татко му.
– Добар ден јас сум Калин, одважно се претстави културното дете.
Откако се изнашетаа и се сретнаа со повеќе познати луѓе и Калин сите ги поздрави и се претстави – навратија кај баба му Цале.
Уште вратата не беше отворена, Калин викна:
– Добар ден бабо, јас сум Калин!
– Знам бре мило дека се викаш Калин, не ми доаѓаш првпат.
– Така треба бабо да речам, јас сум воспитано дете!
Коментар: Браво Калин, ти не само што си воспитано дете туку си и послушно. Како ти рекла мајка ти, така правиш. Но, внимавај – на оние што веќе ги познаваш не треба да им кажуваш дека си Калин. Тие знаат. Нив само поздрави ги. Важи…!
Автор: Славка Арсова