Ова по многу нешта посебно дело содржи дваесет и една приказна, а ние со еден извадок ќе ве воведеме во волшебниот свет на македонското народно творештво содржано во оваа прекрасна, важна и потребна книга
Си било едно време некое дете. Тоа постојано одело раскопчано, му се гледало мешето, па го викале Дете Голомеше. Тоа било многу силно! Одело во некоја река, ја викале Стара Река, и таму си играло и мавтало со некој боздуган, топуз. Ќе го фрле до облаците и на гради го пречекува! Толкава сила имало тоа дете!
И, во меѓувреме, царо ќе жене син. Невестата била многу од далеку, преку девет планини и реки, од далек крај. И со што ќе одат, со запрежни коле и којне, немало како сега автомобили.
На патот, планински пат, имало некоја голема мечка. И, плашиле се, како ќе поминат!? Голема мечка, ќе ги нападне сватовите. Царот рекол:
– Мораме да најдеме јаки луѓе, кои ќе се справат со мечката!
Питат, распитуват низ царштината и некој ги посоветувал. Вика:
– Да го викнеме Дете Голомеше. Само тој може да помине отаму со сватовите! Другите, вика, не можат да го поминат патот, се плашат, не па да идат по невестата.
И, тие отишле. Го нашле.
– Бреј, како се ти викаш?
– Дете Голомеше!
Т’ва веќе било возрасно, момче! Пунолетно било.
– Ајде, ќе дојдеш со нас! Царо нареди да дојдеш, таква и таква е работата. Била некоја мечка опасна на пато, излегува кога излегува и не можат да одат по невестата. Можеш ли да се нафатеш на тоа? Плашеш ли се?
– Какво плашене – вика – јас од мечка да се плашам!? Не се плашам – вика – ќе дојдам!
И, ојдел. Закарале го, спремиле се и ќе одат по невестата. Испраќат ги сватовите и одат, одат… Кога дојделе тамо до планината, близу до дувлото кај што била мечката, се пренела наредба:
– Ќутете – вика – да не доа мечката, ќе нѐ изеде!
И, стварно, поминале без проблеми – или мечката не била таму, или не слушнала, не им направила некој зор. Минат го т’ва место и одат натаму. Долг бил патот. Ожеднеле. Водата што ја имале, свршила. Лето, горештина.
– Што ќе прааме? Вода треба да се напииме.
Распитуват таму каде има извор, каде има вода, кога некој овчар им рекол:
– Вода – вика – има е, е, еј, таму, во еден бунар, ама од таа вода никој не смее да лии, добра а водата, ама знаејте – вика – има ламна, змеј, ја чува, ќе ве проголта, не можете ут таму вода да лиите.
Ного ожеднеле. Го питат Дете Голомеше:
– Што прааме? Ќе може ле да налииме вода?
– Ма како да не може – вика. – Може!
Одат на бунаро таму со одреден број млади луѓе, сватови, земал ковата и им дал една ортома.
– Врзејте ме – вика – јас ќе одам доле, ќе лиам!
Длабок бунаро!
– Ка ќе налееме доволно вода, виа дигајте ме горе!
– Добро!
И, врзале го на половината, изврзале оште ортоми една за друга и го спуштат. Само што го спуштиле доле – лап! – ламната го грабнала за нозете. И вика:
– Дигајте нагоре, ламната г’тна ме!
Тие покушават да го дигат нагоре, да го измакнат, не можат. Тешка и ламната! А ламната го голта. Го проголтала веќе до појасо. А тоа дете имало некоја вила, самовила што го помагала во животот. И, кога ќе се најдел во тешка, незгодна ситуација, она му се јавувала од небесата, што се вика. Се јавила и сега. Она гледала сичко! И, му рекла:
– Раците ги рашири колку што можеш, да не може да те голтне – вика. – И нека те тегљат нагоре, јас – вика – ќе те спасам! Да не се плашеш!
А ламната нема заби, само го голта жив, без да го меле, да му праве рани.
– До градите ме проголта!
– Држи ги рацете цврсто, јас тебе ќе ти помогнам!
Кога, се создало некое невреме – виулици, ветришта, камене и дрва паѓаат во бунарот. Како паѓаат, бунарот се полни, водата се качува нагоре и се излева од бунарот. Е, е, е, еп! – излијала се е водата и ги исфрла ламната и Детето. Ламната го држе Детето! И викат тиа царските офицере, што биле охрана, со сабји во рацете:
– Пушти го, м’ри јудо!
Ламната, со закрвавени очи, вика:
– Не го пуштам!
– Не ле го пушташ?
– Не го пуштам!
И, турат и сабјите во устата, и – вр-р-р-рп! – распорале ја до пашката. Расцепиле ја и детето се спасило…..
Забелешка: Приказната е снимена на 21.10.2016 год. во Струмица.
Информатор: Борис Ефтимов, роден во 1940 год., во с. Сачево, Струмичко. Има завршено Воена академија. Сега е воен пензионер.