Фото: Илија Ацески

ДАЛИ СТЕ ЗНАЕЛЕ ДЕКА…

Денешниот ден, 20 мај, се одбележува како Меѓународен ден на пчелата и е роденден на основоположникот на модерното пчеларство, Словенецот Антон Јанша(1734-1773). Тој бил академски сликар и дворски пчелар на кралицата Марија Терезија.
Празнувањето на Меѓународниот ден на пчелата има цел да укаже на огромната улога што ја имаат медоносните пчели за опрашувањето на растенијата, создавањето мед и други пчелни производи како матичен млеч, восок, прополис и сл. Предлогот што го дала Република Словенија за празнување на овој ден е прифатен на Генералното собрание на Обединетите нации на 20 декември 2017, а првпат е одбележан во 2018 година.
Пчелите произведуваат мед веќе 150 милиони години и тие се единствени инсекти што произведуваат храна што може да ја јадат луѓето. Една колонија може да има од 20.000 до 80.000 пчели и само една матица кралица.
Животниот век на матицата е до пет години, а поретко до седум. Матицата е единствена пчела што полага јајца и може да положи до 2.500 јајца дневно.
И дали сте знаеле уште дека во Македонија живее автохтоната медоносна пчела Apis mellifera macedonica. Наше е да ги чуваме пчелите, преку садење дрвја и медоносни растенија, затоа што тие опрашувајќи ги растенијата обезбедуваат огромен процент од храната што ја јадеме. Да ги чуваме!

Ф.Д.