Во Штип
На платото пред домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, од денеска до 24 септември, ќе се одржи годинашното издание на фестивалот на претстави за деца „Малиот принц“.
Почетокот на претставите е во 19 часот, а според организаторите, ќе бидат испочитувани сите мерки за безбедност на посетителите.
Според уметничкиот директор Трајче Кацаров, годинава фестивалот се одржува под мотото „За детските очи“.
– Познатиот холивудски актер Ал Пачино, по завршувањето на театарската претстава во која учествувал како актер, рекол: „Во театарот за нечии очи треба да се игра!“ Тргнувајќи од фактот дека претставата е организација на сетилата во целост, изјавата на актерот треба да се сфати како принцип. Актерот сака да биде виден, да биде слушната неговата сценска реч. Успешната претстава дури може и да се намириса, да се допре. Децата, најмалата публика, најдобро го можат тоа. Нивните очи се изворот на животот. И покрај тоа што театарот не е како животот, најмногу црпи од него – енергија потребна за неговата „двоколка“ – вели Кацаров.
Пред љубопитните очи на децата од Штип ќе се играат три претстави:
„Дружината на Лајко Сезнајко“, „Лакомата меца“ и „Приказна за една шума“.
„Дружината на Лајко Сезнајко“ е детската едукативна интерактивна претстава во реализација на здружението за едукација и развој „Видливост“ од Струмица. Таа е дел од проектот „Животните од фармата“, финансиски поддржан од локалната самоуправа. Главна цел на театарската претстава е да се подготват најмладите во иднина да бидат соодветна театарска публика.
Режијата е на Јулија Милкова, според текст на драматургот Никола Сарајлија. Настапуваат актерите од струмичкиот театар: Јулија Милкова, Ванчо Василев и Анкица Бенинова. Животинските костими се дело на Кирил Василев.
„Лакомата меца“ е претстава на Театарот за деца и младинци од Скопје, наменета за најмалите деца. Во неа се зборува за основните бонтон-правила во јадењето на оброците. Актерот Владимир Лазовски за улогите на Волкот и Штркот во 2001 година освои актерска награда на Меѓународниот куклен фестивал на мали форми во Крагуевац, Србија. Тој, заедно со одличните Ана Левајковиќ-Бошков и Катарина Илиевска-Силјановска, е доволен доказ за квалитетот на оваа претстава.
Режијата е на Дарин Петков, автор е Ран Босилек, сценографијата е на Љубомир Чадиковски, кулите ги изработи архитектот Иван Донев, а музиката е на Љупчо Мирковски
„Приказна за една шума“, во изведба на Театарот од Куманово се базира на англиска басна. Актерите во претставата ќе ни покажат кој и зошто е подготвен да ги уништи дрвјата, а кој и зошто да ги спаси.
Актерска екипа: Никица Јанковски и Матеј Стојковски, сценограф: Крсто Богојевски, костими: Дарко Илиевски, режија и драматургија: Никица Јанковски и Матеј Стојковски.