Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“ на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња

„Бонтон за деца“ од Наум Попески (4)

Има ли некој што знае сѐ? Нема, се разбира.
Ама има такви што мислат дека знаат сѐ и од нив во друштво не можеш да дојдеш до збор. Овие ,,сезнајковци“ се многу здодевни. Само што ќе почне некој да зборува, веднаш го прекинуваат и продолжуваат тие, бидејќи ,,знаат сѐ“.
– Па што да се прави? – се прашувате.
Јас на пример, бегам од нив. И да ме застанат за разговор, им велам:
– Извини, се брзам…
А знаеме дека нема таков што знае сѐ. Некој знае едно, друг друго. Некој можеби и не знае точно, друг ќе го исправи. И тоа е другарство. Така се разговара.
Тие што многу знаат, обично се молчеливи и скромни.


За авторот

Наум Попески е роден во Вевчани 1947 година. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Струга. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје (тогаш Филозофски факултет) на групата книжевност и македонски јазик. Од 1971 година работи како новинар во редакцијата на весникот, „Нова Македонија“, каде што го помина целиот работен век. Неколку години го уредуваше и додатокот за деца „Колибри“.
Автор е на петнаесетина книги за деца, меѓу кои: „Ајде да растеме“, објавена како дебитантска книга во „Детска радост“ – Скопје, во 1982 година, а потоа од перото на Попески следуваа и книгите „Детелинка со четири листа“, „Изворчиња – поточиња“, „Една грешка – мака тешка“, „Еколошки бонтон“, „Спомени во слики“, „Летни, светни, светулке“…
Неговиот „Бонтон за деца“, книга за убаво однесување, е прво објавено дело од ваков вид на македонски јазик, и досега доживеала повеќе изданија.
Наум Попески е застапен во читанките по македонски јазик, а негови стихови има во многу антологии и зборници на литературата за деца. Преведуван е и на повеќе европски јазици, во книги и списанија за деца. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.