Основите на убавото однесување се стекнуваат до деветтата година од животот, а децата најмногу учат од своите мајки и татковци. Идеален период за учење е од втората до шестата година, кога децата, општо земено, најмногу впиваат знаење и кога се создаваат основите за убавото однесување на подоцнежна возраст
Катче за родителите: Првите лекции по бонтон се најважни
Секој родител сака да има пристојно, љубезно и културно дете. Убавото однесување или бонтон е основната алатка за успешна социјализација, за идното одржување квалитетни, искрени и топли односи со другите луѓе – од познаници во соседството до колеги на работа, партнери… Тоа ќе поттикне полесно да се постигнат целите во животот и да се стекне самодоверба.
Уште од дамнина возрасните ги учат децата како да се однесуваат во одредено опкружување, ситуација, култура, за да им го олеснат функционирањето во светот што од нас бара да се однесуваме на одреден начин. Тоа учење почнува со доаѓањето на бебето на свет. Уште пред да прозбори, тоа може да разбере и свесно да ги одредува информациите.
Децата секојдневно учат од примерите на возрасните. На пример, ако мајката на своето синче или ќерка уште до првиот ден му вели „благодарам, љубов моја“ кога бебето ќе ѝ подаде играчка, кога ќе ја прегрне или ќе ѝ испрати бакнеж, детенцето кога ќе прозбори исто така ќе вели „благодарам“ и користењето на овој збор за него ќе биде најнормално и најприродно.
По периодот на учење по моделот и со имитирање на родителите, поинтензивното и поконкретно учење бонтон кај детето почнува по втората година, кога може вербално да комуницира, а наученото се памети цел живот.
Така мајките ќе ги предупредуваат своите деца да ги поздравуваат соседите или убаво да седат додека јадат, па дури и во адолесцентна или постара возраст. Но има одреден број лекции што секое дете би требало да ги усвои до деветтата година. Идеален период за учење е од втората до шестата година, кога децата, општо земено, најмногу впиваат знаење и кога се создаваат основите за убавото однесување на подоцнежна возраст.
Издвојуваме неколку работи што секое добро воспитано дете треба да ги знае:
– Не треба да се прекинуваат разговорите на постарите, а доколку тоа е неопходно, кажете: „Извинете што ве прекинувам, но би сакал…“
– Прашувајте за дозвола, на пример: „Смеам ли да одам кај Марко да си играме?“
– Детето никако не смее да го критикува физичкиот изглед на луѓето или да покажува со прст. Навредливо би било ако каже: „Мамо, зошто оваа тета е толку дебела?“ или „Погледни, човекот нема рака.“
– Пред да влезе некаде, во нечиј туѓ простор, детето мора да знае дека треба да тропне на вратата. Но не заборавете дека и вие треба да тропнете на вратата на неговата соба со зборовите: „Смеам ли да влезам“, бидејќи тоа е неговото интимно царство.
– Секој телефонски повик нека биде можност за уште една лекција на убаво однесување.
Научете го детето дека кога ќе се јави, најпрво треба да го поздрави соговорникот, да се претстави, па дури потоа да каже што бара. Пристојната комуникација е важна и во дигиталниот свет, при пишување мејлови, СМС, но и при четување.
– Запознавањето со нови личности е многу важна социјална вештина. Без оглед на тоа колку се мали, децата треба да му подадат рака на своето ново другарче и да му кажат: „Јас сум Бојан, како се викаш ти? Ајде да си играме“. Така детето ќе научи уште една лекција по бонтон, но и ќе го разбие стравот пред запознавање со нов врсник и ќе научи како некого да вклучи во игра. Така ќе може полесно да се приклучи кон некоја група деца што не ги познава баш најдобро и да почне да комуницира.
– Научете го детето дека при чистењето на носето треба да користи шамиче, а не своите прстиња, а при кашлање да ја стави раката преку устата.
– Многу важно мерило за убаво однесување на детето е неговиот однос кон животната средина, кон природата и животните. Основното правило е: не фрлај отпад никаде на друго место освен во канта за отпадоци. Потоа следуваат и специфични лекции: како да се селектира отпад, како да се грижи и да им помага на животните, како да се однесува во шума или парк, како да штеди енергија и слично.
М.Т.
Кои се петте клучни збора?
1. Те молам
Кога децата сакаат нешто или им треба, волшебните зборови со кои можат да го добијат тоа е „ве молам“ или „те молам“. Ова е една од најлесните лекции, бидејќи малите палавковци кога нешто посакуваат, прават сѐ за да го добијат тоа.
2. Благодарам
Кога некој нешто ќе им подари, ќе им даде или подаде, децата би требало да знаат да кажат „благодарам“. На почетокот овој израз повеќе ќе биде врзан за материјални добра, а подоцна ќе се прошири и на емоционални давања и помагања. На пример „благодарам што ми помогна“ или „благодарам што ме сослуша“ и слично.
3. Извини
Овој волшебен збор ја рефлектира нашата емпатија, односно сочувството со лицето што сме го повредиле. Често и возрасните имаат проблеми со изговарањето на овој збор, бидејќи сметаат дека мораат да се откажат од својата гордост и мислење и оти „извини“ значи своевидна загуба за нив. Но вистината е спротивна. „Извини“ не значи капитулација, признание и откажување од борбата, туку отвора врата за помирување, хармонија и љубов. Голем број родители кога ќе згрешат кон сопственото дете сметаат дека од него не треба да бараат извинување бидејќи тоа е сѐ уште мало. Но тоа е најголемата грешка. Ако му се извините на своето дете, ќе му покажете дека го почитувате како личност и го учите дека зборот „извини“ не е слабост туку доблест.
4. Повели
Со изговарањето на овој збор детето покажува почитување кон блиските. Со давањето нешто материјално, проследено со „повелете“, детето го отвора своето срце кон личноста што ја дарува.
5. Добро утро, добар ден, добра вечер
Живееме во отуѓен свет, во кој најчесто сосед со сосед не се поздравува. Сепак, научете го детето дека е пристојно да се поздравуваат не само постарите луѓе, со кои доаѓа во контакт, туку и своите врсници. Па, и да биде со „здраво“, „чао“ и „хеј“, сепак при средба со друга личност пред сѐ треба срдечно да отпоздравиме.
Како зборуваме и како слушаме?
Е, и тоа е интересна приказна. Како зборуваме и како слушаме?
Често кога двајца разговараат, обично се толку гласни, што тоа го слуша поблиската и подалечната околина?! Тоа се однесува и на децата, ама и на возрасните. И тоа – насекаде. Патувате во автобус, одите по улицата, сенекој со некого разговара, како да се надвикува. Ќе слушнеш сѐ и сешто. Не сакајќи, се разбира. А има ли потреба од тоа?
Зарем не е доволно да разговараш со некого толку гласно или толку тивко колку да те слушне тој со кого разговараш. Притоа да не му пречиш никому. Оти, кого друг го интересира тоа што му го кажуваш на твојот другар? Не треба ни да се шепоти, особено не во друштво. Ако треба нешто да го знае само една личност, ќе ѝ се каже насамо, а не во друштво.
***
Еве, направете една мала драмска изведба за да проверите како изгледа тоа. Две-три деца заедно нека разговараат гласно, а две-три до нив нека разговараат културно и тивко…
(Од книгата „Бонтон за деца“ од Наум Попески)
