Септемвриското ѕвонче ги разбуди училиштата

Септемвриското ѕвонче вчера ги разбуди училиштата, се вратија џагорот и детската смеа. Оние поголемите радосно си раскажуваа како го поминале летниот распуст, но за најмалите, за првачињата, сѐ беше ново: училишната зграда, учителката, другарчињата… Вчера, дотерани, но малку збунети момчиња и девојчиња со едната нога зачекорија во светот на возрасните.
Драги деца, отсега сѐ што ќе направите или ќе кажете, пред сѐ на училиште, ќе се оценува и вреднува. Но така ќе биде и дома и кога ќе си играте со другарите. Вие станавте ученици, и тоа не само што звучи гордо туку со себе носи и голема одговорност.
Ќе почнете од почеток, од 1, до А, и така буква по буква и бројка по бројка ќе учите да читате и пишувате, да собирате, одземате, делите, множите. И кога полека-полека ќе се описмените и ќе почнете сами да читате и да пишувате, да решавате тешки задачи, сами пред себе ќе изгледате некако важно и нема да ви
се верува дека толку многу сте напреднале за кратко време. А ако, сепак, нешто не ви успее од прва, не обесхрабрувајте се, тука е учителката да ви објасни сѐ, да ви покаже и да поразговара со вас.
Исто така, прашавме две учителки дали можеби и тие чувствуваат возбуда на почетокот на учебната година.
За Соња Цицимова, наставничка во ООУ „Видое Подгорец“ во Струмица, првиот училиштен ден е синоним за ново поглавје и нов почеток, со многу предизвици, очекувања,
– За првачињата тоа е ден исполнет со љубопитност, возбуда и со понекоја солза. Посебна емоција нѐ исполнува и нас учителките. Искусни и стручни сме, но не сме имуни на сликата во училишниот двор – кога очите на родителите се вперени во тебе, додека некое раче срамежливо се одделува од мама и збунето ја фаќа раката на непознато другарче. Тогаш знаеме дека насмевката и убавиот збор за охрабрување се најпотребни, за секое прваче да се почувствува добредојдено, прифатено и спокојно.

Соња Цицимова од ООУ „В.Подгорец“-Струмица со учениците

На почетокот приоритет ми е да создадам пријатна атмосфера во училницата, за секое дете да почувствува дека е на вистинското место, дека припаѓа тука, меѓу врсници со кои заедно ќе расте, ќе игра и ќе стекнува знаење. Секако, и родителите се важна алка во успешното поврзување на учителката со првачињата. Од нив барам/очекувам искрена поддршка и отворена соработка, затоа што имаме иста цел – среќни деца што со задоволство ќе доаѓаат на училиште – ни рече, со многу емоции, но и со насмевка Соња Цицимова,
Кај учениците од погорните одделенија преминувањето на училишниот праг носи возбуда, но и радост за повторна средба со другарите од одделението и за постигнување нови успеси.
За Катерина Макалоска, наставничка во ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп, на ученици од трето одделение, секој први септември е ден исполнет со измешани чувства на радост, возбуда, среќа, тага, копнеж… Наедно тоа е и можност со голема желба да едуцира нови ученици и уште од првиот ден да ги воведе во процесот на стекнување нови знаења.

Катерина Макалова првиот час со третоодделенците од ООУ „К.Охридски“-Прилеп го почна активно

– Цели 82 дена учениците уживаа во летниот распуст со најразлични игри, но се надевам, не заборавија на читањето на лектирите. Тоа е од огромно значење за сите ученици, посебно за тие од одделенска настава, каде што, освен брзината на читањето, важно е да се разбере прочитаното. Токму поради тоа вчерашниот прв училиштен час на третоодделенците на кои им предавам им започна малку необично, со работен лист: читање со разбирање. Учениците самостојно прочитаа басна од задолжителното лектирно дело за трето одделение, одговорија на прашања во врска со содржината и ја илустрираа – ни откри наставничката Катерина Макалоска.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Значи, битката за нови знаења веќе започна. Затоа, драги деца, сега кога сте на самиот почеток на новата учебна година, не заборавајте дека од вас се бара да дадете сѐ од себе, па направете го тоа, кога веќе имате шанса на сите да им покажете што сѐ знаете и умеете!
А „Колибри“ како и досега, секогаш ќе биде тука да ве информира, едуцира, да ве посоветува и да ве насмее, но и да ве пофали и да ве награди.
Редакцијата на вашиот омилен додаток на сите ученици им посакува успешна учебна година!

Секогаш на ваша страна, вашето „Колибри“!