Фото: Филип Димкоски

На завршниот настан беа презентирани изработките што учениците ги реализирале во изминатите неколку месеци во рамките на ликовните, литературните и историските работилници, предводени од наставниците Наташа Кулевска, Александар Џинго и Горјан Василевски

Успешно реализиран проектот „Денови на Свети Климент Охридски“ во Прилеп

Со изведба на македонската химна „Денес над Македонија“ од страна на училишниот хор при прилепското средно училиште „Ѓорче Петров“ беше отворена свечената академија, како завршен настан од проектот „Денови на Свети Климент Охридски“, кој токму на празникот Св. Климент се случи во големата сала на Општина Прилеп.
На настанот беа презентирани резултатите и изработките што учениците ги реализирале изминативе неколку месеци во рамките на ликовните, литературните и историските работилници предводени од наставниците Наташа Кулевска, Александар Џинго и Горјан Василевски.
На работилниците беа вклучени ученици од сите основни училишта од Општина Прилеп, како и основното училиште „Пецо Даскалот“ од Општина Долнени.
Во ликовните работилници на наставникот и ликовен уметник Александар Џинго, учениците учеа за византиската уметност и ги направија своите први обиди во овој ликовен стил.

– Не беше едноставно децата да навлезат и да почнат да ја совладуваат оваа техника. Постапката во овој стил е од назад кон напред. Имаа мали тешкотии, но брзо се навикнаа и сите дваесет и четири ученици успеаја да навлезат во процесот – рече наставникот Џинго.
Наташа Кулевска, наставничка по македонски јазик во ОУ „Кочо Рацин“, беше одговорна за младите литературни таленти и рецитатори во рамките на овој проект.
– Литературната секција имаше за задача да пишува акростихови во чест на Свети Климент, а рецитаторите пак имаа задача да пишуваат и да рецитираат песни во чест на светителот. Работилниците се одвиваа неколку саботи последователно, целиот процес течеше прекрасно и многу добро се разбиравме со учениците, иако јас не им предавам во редовното образование – ни раскажа наставничката Кулевска, чија секција во рамките на проектот имаше најголем број ученици, односно над триесет.
Работилниците од областа на историјата беа посветени на истражувања и анализа на животот и делото на Свети Климент, а во нивни рамки беа посетени црквата „Св. Пантелејмон“, изградена од Свети Климент, и црквата „Св. Богородица Перивлепта“, каде што се запознаа со византиската уметност. Историските работилници ги водеше наставникот по историја Горјан Василевски, кој смета дека е важно манифестацијата „Денови на Свети Климент Охридски“ да прерасне во традиција.
– Целта на овој проект е Светиклиментовата црква и Светиклиментовиот универзитет да ги изградиме во себеси и на тој начин од себе да изградиме благородни личности што ќе сотворат богоугодно општество – порачува Василевски.
Деветтоодделенецот Илија Јаневски од ООУ „Блаже Конески“ беше дел од ликовната секција во проектот.

– Процесот беше многу интересен, ние децата меѓусебно се зближивме и научивме многу повеќе за ликот и делото на Свети Климент Охридски. Многу беше интересна и самата изработка на ликовните дела. Византискиот стил е многу поспецифичен од обично сликање, но низ дружба и смеа успеавме да го совладаме – ни рече младиот ликовен талент Илија Јаневски.
Методи Зравески, пак, од ООУ „Кочо Рацин“ ги истражуваше ликот и делото на Св. Климент во рамките на историската секција.
– Ние од историската секција правевме заеднички проект, со кој сакавме да ги истакнеме животот и делото, но и мисијата на Св. Климент. Тој е една од најзначајните личности за нашиот народ затоа што помогнал да се описмениме и во наследство ни ја оставил кирилицата – ни објасни Методи, кој се пофали дека научил многу нови нешта од овие работилници.
Тој дополни дека Климент е еден од учениците на Св. Кирил и Методиј и дека тој бил нивни придружник во Моравската мисија.
– Тој е прв словенски епископ и основач на Охридската книжевна школа – со восхит додаде Методи.
Марко Чеврески од ООУ „Блаже Конески“ заедно со своите другари твореше акростихови во чест на Св. Климент во рамките на литературно-рецитаторската секција.
– Лесно е да се создаде акростих, но си бара работа. Треба да се внимава секоја почетна буква од стиховите да се вклопува за да се добие посакуваниот наслов. Прво напишавме пробен акростих, а потоа со помош на наставничката ги направивме конечните верзии – раскажа Марко, кој на крајот од разговорот ни го изрецитира својот акростих.

Неговиот акростих „Прави добро“ ќе го прочитате како прилог во овој текст, а како што рече Марко, стиховите се поврзани со етичката Климентова мисла и мисија.
На настанот меѓу многубројната публика беа и градоначалникот на Прилеп, д-р Борче Јовечески, митрополитот преспанско-пелагониски господин Петар, претставници на локалната самоуправа, на училиштата, наставници, ученици, родители и новинари.
Организатор на настанот е Здружението за креативни концепти од Прилеп, а настанот го организираше во соработка со Општина Прилеп, Институтот за старословенска култура, Преспанско-пелагониската епархија и Прилепското архијерејско намесништво.
Претседателот на Здружението за креативни концепти од Прилеп, отец Андреј Иваноски, порача да ги следиме Климентовите духовни начела.
– Својот залог и аманет што ни ги оставил Свети Климент Охридски е да го истражуваме сето она што ни го оставил како свое наследство. Да напредуваме во знаењата и да се натпреваруваме себеси едни со други во љубовта меѓусебно и да не ја заборавиме, туку да ја оживотвориме православната вера зачувувајќи ја чиста како што ни е оставена од апостолите преку нивните наследници, од кои за нас најбитни се Светите Кирил и Методиј и нивните ученици Свети Климент Охридски и Свети Наум, Сава, Горазд и Ангелариј и да го продолжиме нивниот пример што ни е оставен во аманет – вели отец Андреј Иваноски.
Делата на учениците ќе бидат објавувани и на страниците на списанијата за деца што ги објавува „Просветно дело“.