Проект на учениците од седмо и од деветто одделение од ООУ,,Владо Тасевски“ во Скопје во чест на св. Кирил и Методиј
Во чест на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј, чиј празник се одбележа на 24 мај, учениците од општинското скопско основно училиште „Владо Тасевски“, од седмо и од деветто одделение, под менторство на наставничката по македонски јазик Соња Деловска, специјално за додатокот за деца „Колибри“ изработија проект.
– Моќта на словото е суштината на проектот, кој по електронски пат го реализиравме со моите ученици. Тргнавме од силата на зборот (моќ, знаења, умеења), а основна цел ни беше да ги покажеме големината и значењето на светите словенски браќа. Низ целиот процес на создавање провејуваше нашата желба да издржиме, да бидеме силни, да бидеме моќни со знаења, да го сакаме и чуваме мајчиниот јазик – вели наставничката Соња Деловска.
Во продолжение можете да прочитате извадоци од составите на учениците посветени на солунските браќа Кирил и Методиј.
Светлина за слепите
Аз, буки, веди… доцна навечер, под слаба светлина, сиот згрбавен, Кирил започнал да ја пишува глаголица, онака како што и јас сега започнав да го пишувам овој состав.
Ги зедов пенкалото и белиот лист хартија. Имав задача да напишам за делото и важноста на светците Кирил и Методиј. На почетокот тоа ми личеше навистина тешко, но како што ги редев зборовите и листот се пополнуваше, сфатив дека всушност да не биле тие, овој бел лист хартија ќе останеше празен. Да не биле тие, не само овој состав што не ќе беше напишан туку толку книги, учебници што секојдневно ги користиме и читаме, немаше да бидат во оваа форма или пак воопшто не ќе беа напишани, додека пак ние луѓето, којзнае, можеби сѐ уште ќе пишувавме со хиероглифи.
Така, Кирил и Методиј, не ја создале само азбуката туку тие ги создале светлината на слепите и звукот на глувите. Ја создале глаголицата, која им ги отворила очите на заслепените Словени и која сѐ уште ги отвора нашите очи, нашите хоризонти, нашите знаења.
Елена Андоновска, деветто одделение
Основоположници на словенската писменост
Солунските браќа Кирил и Методиј имаат историско, културно и просветно значење за Македонија, Европа и за светот. Нивната просветна мисија е поттик за единствен епохален цивилизациски и историско-културен процес. Темелот на овој процес е создавањето на глаголицата – првата словенска азбука, која перфектно ги доловувала словенските фонетски карактеристики со длабок печат на христијанските симболи. Браќата Кирил и Методиј, Македонци од Солун, кои длабоко го познавале својот мајчин јазик, биле вброени меѓу најучените луѓе во целата Византија. Тие се основоположниците на словенската писменост и на културниот развој на Словените.
Срцевината на просветната дејност на Кирил и Методиј е во солидната основа што ја развиле за подготвување на учениците, кои достојно ќе одговорат на историската задача. Односно Моравската мисија своите културолошки и просветни рефлексии и реперкусии ќе ги изрази преку ликот и делата на идните ученици. Суштинската вредност на просветителската мисија е просветителскиот континуитет. Така, во 886 г. на чело со Климент и со Наум, Македонија станува полигон за ширење на словенската цивилизациска свест. Моравската мисија станала камен-темелник за просветен, културен и цивилизациски процес на Словените.
Изабела Трпковска, деветто одделение
Користење на старословенскиот јазик во богослужбата
За еден јазик да биде светски признаен требало да има свој превод на Библијата. Браќата Кирил и Методиј ја превеле светата книга на старословенски јазик и со тоа помогнале во зацврстувањето на словенската азбука и писмо, а со тоа и на словенската писменост. По Библијата, ги превеле и богослужбените книги, за да воведат богослужби на словенски јазик и да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род.
Браќата Кирил и Методиј Солунски се мисионери на христијанството и наши први учители. Кирил своето образование го стекнал на Магнаурската школа каде што потоа и самиот предавал. Бидејќи бил истакнат ученик и учител ја добил титулата филозоф. Неговиот брат Методиј бил истакната личност и бил вклучен во политиката во управата на Византија. Двајцата браќа како дел од образованието и политиката уживале голема почит и успеале да се изборат за целта на Моравската мисија, односно се бореле за христијанизација и описменување, како и за развој на словенскиот јазик.
Борјан Перковски, седмо одделение
Мисионери на христијанството
Кои биле свети Кирил и Методиј? Читајќи за нив, пред очите ни излегуваат зборовите – мисионери на христијанството, основоположници на словенската писменост, копокровители на Европа, духовни амблеми на културниот универзум, еднакви на апостолите – рамноапостолни.
Рамноапостолни, зашто како што Исус Христос сведочел и го ширел словото на божјата вистина, ги нахранувал гладните и жедните, така и тие, пресветите отци наши Кирил и Методиј, го ширеле словото на христијанството и ги оживувале зборовите на пророците: „Слепи ќе прогледаат, глуви ќе го слушаат словото на Писмото, и сите ќе почнат да говорат на разни јазици за Божјите величија“.
Горди сме на светите браќа Кирил и Методиј. И ние и идните поколенија не смееме да заборавиме дека токму јазикот на македонските Словени од Солун и околината, бил основата на старословенскиот јазик и писмо врз основа на кој е создадена глаголицата. Нивното дело е штитот на нашиот идентитет и патоказ за нашата иднина.
Петар Пројковски,
деветто одделение во ООУ „Владо Тасевски“